НАТО, ЕУ, САД И ИЗБОРИТЕ ЌЕ БИДАТ ПРИОРИТЕТНИ Џафери официјално ја презеде премиерската функција
Покажавме политичка зрелост и докажавме коалициски капацитети кои се неопходнио за една влада да биде стабилна и функционална – рече Ковачевски.
Досегашниот претседател на македонската влада Димитар Ковачевски денеска официјално му ја предаде премиерската функција на новоизбраниот претседател на владата Талат Џафери.
Премиерот Џафери беше пречекан од страна на Ковачевски, по што следеше кратка тет-а-тет средба и изјави за медиумите.
Двајцата заеднички ја истакнаа важноста од организирање и спроведување мирни, фер и демократски избори и ефикасно спроведување на утврдените владини политики согласно Програмата за работа на преодната влада, во насока на евроатланските определби на Република Северна Македонија, соопшти владината прес служба.
– Со досегашната и идната работа, во 2030 година Северна Македонија треба да стане земја членка на ЕУ. Сето ова следува по остварената повеќедецениска стратешка цел – членството во НАТО со која обезбедивме мир и стабилност и сигурна иднина за нашите деца. Денес сме препознаени како фактор на стабилност во регионот. Проевропската владина коалиција на која се темели и новата Влада, покажа и докажа дека има и политичка волја и човечки капацитети да одговори на сите предизвици и одговорности. Воедно покажавме политичка зрелост и докажавме коалициски капацитети кои се неопходнио за една Влада да биде стабилна и функционална. Организиравме и неколку изборни цисклуси оценети и дома и од меѓународната заедница како слободни фер и демократски и знам дека така ќе биде и на претстојните избори – рече Ковачевски.
Заблагодарувајќи се за досегашната поддршка на министрите во неговиот кабинет во овие две години и речиси еден месец, на новиот премиер му посака среќа и успех во справување со предизвиците.
Премиерот Џафери истакна дека со особена одговорност ѝ пристапува на функцијата, подготвен за сите предизвици кои ги носи извршната власт. Тој подвлече дека денеска е време за меѓусебна поддршка за заедничка работа, како и за државен одоговор колку брзо ќе се движиме кон ЕУ.
– Несомнено дека примарната задача на оваа Влада е подготовката и организирањето на слободни и фер демократски избори во директна отворена и законита процедура и соработка со Собранието на изборите. Затоа Владата ќе ги спроведе сите законски предуслови, заедно со Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, со ДИК, ЕУ и со САД ќе ги споведе сите горенаведени оперативни предуслови со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во изборната кампања и самите избори со цел да се одржат избори со целосен легитимитет на изборната волја на граѓаните – рече Џафери.
Тој најави одржување и унапредување на стартешкото партнерство со ЕУ, со НАТО и со САД, како стартешки цели поддржани од независноста на државата, а особено во актуелниот геостратешки момент.
– За владата, одржувањето и промовирањето на партнерството на РСМ во рамките на НАТО и останувањето доследен на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ немаат друга алтернатива. ЕУ-интеграцијата и исполнувањето на обврските кои произлегуваат од започнатите преговори и од билатералниот скрининг, како патоказ за реформите во јавната администрација и поглавјето за владеење на правото, со акцискиот план и изготвување на патоказите за функционирањето на демократските институции, се исто така восоко на агендата на владата – рече премиерот Џафери.