„НАТО-БУРА“ ЈА ТРЕСЕ СЛОВЕНИЈА, ПРЕМИЕРОТ ГОЛОБ НА ТАПЕТ Предложениот референдум е само предизборен трик?
Пратеници го оценија предлогот за референдум за НАТО на словенечкиот премиер како дел од предизборната кампања. За политикологот Миро Хачек главен проблем е недостатокот на искуство кај премиерот Голоб.
„НАТО-бура“ ја тресе Словенија по предлогот на тамошниот премиер Роберт Голоб за консултативен референдум за членството на земјата во Алијансата. Премиерот Голоб за идејата веднаш беше критикуван не само од опозицијата, туку и од своите коалициски партнери.
Сè започна откако тамошната партија Левица, дел од влдината коалиција, предложи референдум за зголемување на одбранбените расходи на 3 % од бруто домашниот производ (БДП) до 2030 година, што беше поддржано и од Социјалдемократите, додека Партијата на слободата на Голоб се спротивстави, иако Голоб претходно на НАТО-самитот во Хаг се согласи Словенија да почне да троши 5 % за БДП до 2035 година.
По кавгите во парламентот Голоб се огласи на социјалната мрежа Икс.
„Постојат само два можни патишта: или да останеме во Алијансата и да ги плаќаме нашите членарини, или да ја напуштиме Алијансата. Сè друго е популистичка измама на граѓаните“.
Пратеникот Матјаж Немец од Социјалдемократите го оцени потегот на Голоб како емоционален, избрзан и нестратешки. Пратеникот рече дека неговата партија ја поддржала само целта за трошење од 3% од БДП во одбраната затоа што премиерот „немал мандат“ за петпроцентната мегатела што ја потпиша во Хаг.
Професорката по одбрана Јелена Јуван исто така го осуди предлогот на Голоб. Според нејзе тоа е многу опасен и неодговорен чекор на земја која е „премалечка и слаба во воените способности за да си дозволи таква политичка игра“.
Политикологот Миро Хачек потенцира дека недостатокот на искуство кај премиерот Голоб е централниот проблем.
– Тој не е навикнат да губи гласови… Првпат неговите коалициски партнери гласале против него… не го предвиде ова сценарио. И останува цврсто уверен дека овој потег означува старт на кампањата за изборите во пролет 2026 година – смета аналитичарот.
Меѓутоа европратеничката Ирена Јовева рече дека повикот за референдум е „пресметана одлука“, мотивирана од изборната динамика.
– Иако граѓаните може генерално да не ја поддржуваат зголемената воена потрошувачка, тие ја препознаваат безбедноста и придобивките од членството во НАТО – додаде таа.
Анкетата од 11 јули во Словенија покажува дека поддршката за НАТО изнесува 52 % (што е помалку од регистрираните 66 % во 2003 година), додека само половина од граѓаните поддржуваат трошење од 3 % од БДП за одбраната.
Ниту една голема партија во Словенија не промовира повлекување од НАТО, освен партијата Левица.
Премиерот Голоб има ривал во поранешниот премиер Јанез Јанша. Анкета направена минатиот месец сугерира дека партијата на Јашна има 29% поддршка кај граѓаните, наспроти 20% за партијата на Голоб.