Натегања по нов датум – овој пат за локални избори
Изборите ќе бидат на 31 октомври само ако опозицијата се согласи со тој датум. Во спротивно, ќе бидат на 17 октомври. Ако успееме да се договориме за 31 октомври, како и за отворените листи, тогаш ќе има измени на Изборниот законик за датумот и за листите. Но, во никој случај, на избори нема да одиме со датум кој нема да добие поддршка од опозицијата, вели за Плусинфо висок функционер од СДСМ.
Неизвесен е датумот за локалните избори откако премиерот Зоран Заев вчера предложи да се одложат за 31 октомври. По првичните позиции на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива дека изборите треба да се одржат во уставен и во законски одредениот термин 17 октомври, од владејачката СДСМ велат дека мнозинството нема на сила да одредува датум за локалните, односно дека ако нема договор за 31 октомври, изборите ќе се одржат на 17 октомври.
Засега нема најава за средба помеѓу Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски или пак, за лидерска средба на претседателите на парламентарните партии за усогласување на датумот за локалните избори.
Сепак, кога и да се одржат изборите, лидерите од власта и од опозицијата ќе треба што поскоро да решат дали ќе има одложување или не, бидејќи ако се одржат на 17 октомври, крајниот рок кога претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ги распише е 7 август. Во спротивно, само со измени на Изборниот законик е можно изборите да се презакажат за друг датум, во случајов како што бара Заев, на 31 октомври.
Премиерот вчера предложи изборите да се одржат на 31 октомври, со образложение пописот да не се поклопи неколку дена со предизборната кампања.
– Изборите ќе бидат на 31 октомври само ако опозицијата се согласи со тој датум. Во спротивно, ќе бидат на 17 октомври. Ако успееме да се договориме за 31 октомври, како и за отворените листи, тогаш ќе има измени на Изборниот законик за датумот и за листите. Но, во никој случај, на избори нема да одиме со датум кој нема да добие поддршка од опозицијата – вели за Плусинфо висок функционер од СДСМ.
Предлогот гласањето во првиот круг од локалните да биде на 31 октомври е прифатлив за Беса.
Засега нема никаков став дали владиниот партнер на Заев, Али Ахмети е за избори на 31 октомври, иако неофицијално имало согласност за тоа меѓу владината коалиција СДСМ, ДУИ, Беса и ДПА.
Неофицијално, денеска се очекува за тоа да разговараат Заев и Ахмети. Иако побаравме, од ДУИ не добивме став за датумот на изборите.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека очекуваат сите партии да го почитуваат уставниот и законскиот рок изборите да се одржат на 17 октомври.
– Локалните избори не се определуваат според желбата на кој било политичар, па дури и тој да е премиер. Локалните избори се одржуваат согласно утврдениот термин во Уставот и во законот. Уставниот и законски термин за локалните избори е 17 октомври, за првиот круг. Сè друго значи прекршување на Уставот и на законите. Внатрепартиските и меѓукоалициските пресметки во ДУИ, СДСМ, Беса и помалите партнери не треба да бидат проблем за државата и за граѓаните и не треба да бидат изговор за прекршување на изборниот ден 17 октомври. Се друго би било неуставно и би можело да го загрози изборниот процес како незаконит и незаконито да им се продложи мандатот на градоначалниците. ВМРО-ДПМНЕ очекува сите партии да го почитуваат уставниот и законски рок, а тоа е 17 октомври – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.
Од СДСМ велат дека ако има договор за датумот не е пречка законски да им се продолжат мандатите на градоначалниците и дека тоа веќе било пракса во претходни два изборни циклуса за локалните избори. Односно со измена на законот се додава дека мандатот на градоначалниците трае до изборот на новите градоначалници.
И опозициските Алијанса и Алтернатива сметаат дека изборите треба да се одржат на 17 октомври, како што е според Уставот и Изборниот законик, но додаваат дека коалицијата е подготвена да излезе на изборно соочување и да ја порази власта кога и да се одржат изборите.
Нефицијално, нема промена на позицијата на претседателот на Собранието Џафери дека изборите треба да се одржат на 17 октомври. Евентуална промена на датумот ќе треба да биде предложена со закон, за тој да биде ставен пред пратениците на пленарна седница.
Неодамна, Џафери на брифинг со новинарите изјави дека локалните избори што треба да се одржат во втората половина на октомври ќе бидат распишани кон крајот на јули или на почетокот на август. Распишувањето на изборите ќе зависи од информациите за завршувањето на мандатите на градоначалниците.
Претседателот на Собранието тогаш рече дека тој нема да остави простор за „пропуст“ што потоа би можел да го доведе во прашање целиот изборен процес. Џафери предупреди и дека изборната кампања би можела да се поклопи со пописот на населението кој завршува на 30 септември, доколку изборите би се одржале на 17 октомври.