НАСТИНАТ СИ? НЕ, ОД КОРОНАТА МИ Е! Британски експерти тврдат дека ковид-19 напролет ќе се претвори во обична настинка
Оние што не се вакцинираат, ќе бидат имунизирани природно бидејќи варијантата на делта е доста заразна. На тој начин ќе дојдеме во ситуација слична на грипот, велат британските експерти.
Британскиот имунолог Џон Бел од Универзитетот „Оксфорд“ смета дека следната пролет коронавирусот ќе изгледа како обична настинка, бидејќи имунитетот на луѓето станува посилен поради вакцините и изложеноста на заразата.
Тој посочи дека најлошото време за Велика Британија веќе е завршено и дека состојбата целосно ќе се стабилизира кога ќе помине зимата.
Сличен став дели и директорот на компанијата „Модерна“, Стефан Бансел, кој рече дека пандемијата може да заврши за една година со оглед на тоа што зголеменото производство на вакцини обезбедува глобални резерви.
– Оние што не се вакцинираат, ќе бидат имунизирани природно бидејќи варијантата на делта е доста заразна. На тој начин ќе дојдеме во ситуација слична на грипот. Можете или да се вакцинирате и добро да ја поминете зимата или, пак, да не го направите тоа и ризикувате да се разболите, а можеби дури и да завршите во болница – рече Бансел.
Научникот Сара Гилберт, која работеше на развојот на вакцината на „АстраЗенека“, исто така рече дека вирусите стануваат послаби.