Наставниците со нови методи за онлајн оценување: „Мижи Асан ако сакаш петки”
Учениците се жалат дека кај некои наставници се принудени со затворени очи да одговараат на прашањата за оценка.
Родителите и учениците во основните училишта се револтирани поради тоа што на онлајн тестовите губат оценки поради, како што велат, крајно глупави работи.
Како што објаснуваат, одговорите на прашањата што учениците ги даваат на тестовите ги прегледува самиот компјутерски систем кој на крајот автоматски ја дава оценката, но како што посочуваат, проблем е тоа што одговорите мора да бидат напишани онака како што претходно ги замислил креаторот на прашањата.
Учениците не се задоволни ниту од новите методи за онлајн испрашување кои ги користат некои наставници, односно тоа што децата се принудени со затворени очи да одговараат на прашања за да не можат да препишуваат од мониторот.
– Јас не можам со затворени очи, ништо не ми текнува што сум учела, а наставникот постојано вели: „Мижи, мижи!“. Тоа е така затоа што многу деца ги читаат одговорите на Интернет за време на испрашувањето, но знаете како е, покрај сувото гори и суровото – ни раскажа ученичка од шесто одделение.
Точно, ама не е точно
Според информациите до коишто дојде Плусинфо, онлајн тестовите што им ги даваат наставниците на учениците ги прегледува самиот систем и веднаш дава оценка, а одговорите на прашањата што ги даваат децата мора да бидат точно напишани како што ги навел претходно наставникот.
На пример, на прашањето „На кој континент припаѓа Македонија“, одговорот што го дал наставникот е „Европа“. Тоа значи дека само „Европа“ се зема за точен одговор. Тоа дете што ќе напише „Европски континент“, или доколку во брзање погреши некоја буква на тастатурата, или, пак, напише „Стариот континенет“, нема да добие бодови и прашањето ќе биде неточно одговорено.
Како што објаснуваат родителите, досега неколкупати се случувало самиот наставник да направи печатна грешка во одговорот на прашањето, па системот да не може да го препознае одговорот што ќе го даде ученикот.
– Целиот концепт на онлајн образование го сметам за најблагоречено проблематичен. Сепак, опасноста од заразата е огромна и мора на таков начин да би организирано учењето на децата. Што се однесува до наставниците и професорите, мора да се признае дека на нив им е најтешко. Децата се пообучени од нив за компјутери и полесно се снаоѓаат во промената, што неретко го користат за изигрување на правилата. Затоа доаѓа до такви несреќни наредби за мижење – вели родител на две ученички во петто и шесто одделение.
Тој ни посочи дека во моментов најголем и најчест проблем е конектирањето на платформите, што сепак најмногу се должи на интернет конекциите кои во тие периоди од денот кога се часовите се најмногу преоптоварени.
– Секојдневни се проблемите со конектирање, а често се случува и наставата да биде прекината поради неможноста децата да обезбедат врска. Тоа може да се потенцира како главен проблем во онлајн наставата – додава нашиот соговорник.
Не е сè така црно
За овие и слични проблеми поврзани со онлајн наставата поразговараме и со професорка од едно од скопските средни училишта, која ни објасни како таа се соочува со нив.
– Јас лично при подготвување на тестовите, давам повеќе опции за одговор, но и откако системот ќе ги прегледа, повторно ги проверувам да не се случила некоја печатна грешка од страна на учениците и тие да не бидат оштетени. Кога станува збор за усното испрашување, не ги принудувам да ги затвораат очите, сепак оставам на нивната совест колку и дали сакаат да научат – ни објасни професорката.
Таа истакнува дека за разлика од првите три месеци кога беше прогласена падемијата со ковид-19, во моментов е задоволна како се одвива онлајн наставата, која ја реализираат преку платформата од МОН, но и со помош на „Мајкрософт Тимс“.
Сепак, таа посочува дека конектирањето е единствениот проблем со кој се соочуваат, а тоа во принцип најмногу зависи од моменталната интернет конекција.
– Сепак не е сè така црно, имаме и интересни случки затоа што работиме од дома. Често се случува на часот да влета, братче, сестриче или баба и дедо на некој од учениците, па сите слатко да се насмееме и да потоа да продолжиме со часот, но тоа е реалноста и нема што на некого и за нешто да се лутиме – додава професорката.