НАСТАВНИЧКАТА ДОБИЛА НАСОКИ ОД ПСИХОЛОГОТ ДА ЈА СЛЕДИ КАТЈА На критичниот ден бабата требало да ја земе од школо, но дошла Ивана

Мајката на Ивана на првата родителска средба ѝ рекла на наставничката на Катја дека Ивана не е состојба да дојде поради семејно насилство што го трпи дома. Наставничката го известила училишниот психолог за тоа.

1,471

Наставничката на Катја Јовановска сведочеше денеска во судот. Таа рече дека на првата родителска средба не биле присутни родителите на Катја, Ивана и Стојанче, туку мајката на Ивана. Мајката на Ивана со плачење ѝ рекла дека Ивана не е состојба да дојде поради семејно насилство што го трпи дома. Наставничката го известила училишниот психолог за тоа.

– Психологот ми даде насоки да ја следам ученичката. По некој ден, девојчињата си играа и забележав дека Катја падна на подот. Ги прашав дали играат некоја игра или прават драматизација на некоја приказна. Катја рече дека татко ѝ кога ја удирал мајка ѝ, таа така паѓа. Веднаш го известив психологот и таа разговараше со Катја. Катја ѝ рекла дека нејзините родители се разведени и дека таа е со мајката. Психологот ја повика на разговор Ивана и ја упатила Ивана каде да се обрати во случај на семејно насилство. Понатаму се изгледаше дека е во ред. На почетокот кога ја учевме темата „кој сум јас, кое е моето семејство“, Катја ја црташе само мајката. Кога ја прашав зошто, рече „јас сум со мама“. Катја се однесуваше како и сите други деца. Не покажуваше потиштеност, не покажуваше вознемиреност или затвореност. Беше отворена со сите ученици, изгледаше среќно, другаруваше со сите и не помисливме дека нешто се случува во семејството. Нејзините цртежи секогаш беа ведри, со убави бои, лицата на луѓето и сонцето ги црташе насмеани. Така беше сѐ до пред Нова година. На крајот на октомври во училница влезе татко ѝ на Катја, јас реков дека не е дозволено родители да влегуваат и училница. Тој се претстави, Катја кога го виде се израдува. Учениците сите му пријдоа и му дадоа комплименти дека е многу дотеран. По неколку минути влезе и Ивана и заедно заминаа – сведочеше наставничката.






Таа рече дека Катја од училиште најчесто да ја носела мајка ѝ или баба ѝ, а татко ѝ ниту еднаш. Најчесто ја земала Ивана, а еднаш вујкото на Катја.

На прашањето дали Стојанче доаѓал на училиште, таа одговори:

– Дојде уште еднаш, нервзоен, бараше број од родител на еден ученик за кој рече дека ја задевал Катја. Мојот совет беше дека тие се деца и дека ние имаме механизми да ги решиме проблемите меѓу децата, дека тоа се нормални, секојдневни…

 

– Дали бевте на работа на критичниот ден, 2 март? – праша обвинителката.

– Тој ден ја донесе бабата, влезе и ни го предаде ранцот. На пауза забележав дека Катја не го носи дуксерот од униформата, ја прашав, рече дека не знае, мајка ѝ веројатно го испрала. Беше облечена во блуза и во елек кои беа нови и на кои стоеја етикетите. Рече вчера бевме во шопинг со мама, беше многу среќна. Во 12 часот направивме примопредавање со колешката, јас си заминав. Колешката ми се јави вечерта околу 20 часот, вознемирена, затоа што една од родителите ѝ се јавила и ѝ рекла дека Катја и мајката се мртви. Ми рече дека Ивана ѝ се јавила околу 11.30 и ѝ рекла дека тој ден Катја од училиште ќе ја земе нејзината мајка. Но околу 13.30 Ивана била во училиштето, учениците биле надвор на физичко. По часот Ивана ја зела Катја. Сакам да додадам, секогаш кога мајка ѝ ќе ја земеше Катја, таа беше многу среќна. И тој ден двете биле среќни, се гушкале и се бацувале – рече наставничката на Катја.

Поврзани содржини