Наставата ќе се одвива по ќеифот на средношколците, во спротивно ќе има протести

Од Сојузот велат дека надлежните три месеци не направиле ништо за подобрување на онлајн наставата, но и за безбедно враќање во училишните клупи.

4,165

Помалку од две недели преостануваат од летниот распуст, но засега сè уште во воздух виси прашањето дали учениците на први септември ќе седнат во училишните клупи или, пак, ќе си останат дома и ќе учат пред компјутер. Но, постои и уште едно сценарио, а тоа е можноста средношколците да излезат на улиците со транспаренти во рацете и да ја бојкотираат наставата поради тоа што бараат комбиниран модел и тврдат дека не биле вклучени во носењето на одлуките.

Како што истакнуваат од Сојузот на средношколци, конечната одлука за тоа дали ќе се оди на училиште или ќе се оди на протести ќе биде донесена в сабота за кога е закажан состанок на претставници од 17 градови.






– Останува да видиме дали ќе имаме бојкот на наставата од први септември или ќе организираме протести за оваа одлука. Во моментов немаме унифицирана одлука за протести или за бојкот – вели Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци.

Во моментов немаме унифицирана одлука за протести или за бојкот.

Бленди Ходаи Сојуз на средношколци

Од Сојузот велат дека надлежните три месеци не направиле ништо за подобрување на онлајн наставата, но и за безбедно враќање во училишните клупи.

„Уште кога се прогласи вонредната состојба и се затворија училишните згради, Сојузот активно работеше на подобрувањето на онлајн наставата, односно наставата на далечина, со цел да им помогне на средношколците во земјава. За жал, нашите апели и понуди беа игнорирани. Но, ние не се откажавме. Сега, кога се приближува крајот на летото и почетокот на новата учебна година, Министерството за образование и наука (МОН) го снајде катастрофа. Тие имаа три месеци да се фокусираат на клучниот датум – први септември. Што направија? Ништо. Протоколите и плановите сè уште не се готови. Не се работеше на подобрување на наставата на далечина, ниту, пак, се создаваа конкретни мерки и предлози за безбедно враќање на учениците во училишните клупи“, информираат од Сојузот на средношколци.

Оттаму потенцираат дека се залагаат за комбиниран метод на наставата.

„Дел од учениците да ја следат наставата од дома, а останите физички да присуствуваат во училниците. Учениците да се менуваат на смени. Засилени хигиенски мерки, задолжително носење маски. Сметаме дека комбинираниот метод е најдобар и најефикасен поради повеќе причини, но ние сме сериозно загрижени од пристапот на МОН. Ние никогаш не бевме консултирани и се оградуваме од нивната одлука. И не, немаме доволно време“, посочуваат од Сојузот.

Загриженост и кај родителите

Според истражувањето што го направиле членовите на Сојузот на средношколци, само 7,9 отсто од учениците сметаат дека онлајн наставата е целосно ефикасна, а 59 отсто од нив рекле дека не секој има доволен пристап до потребната опрема, додека, пак, огромни 84 отсто побарале полесен пристап до услугите за ментално здравје коишто ги нудат училиштата.

Од друга страна, освен кај учениците, загриженост за тоа како ќе започне учебната година има и кај родителите – едни сметаат дека децата треба да се вратат во училишните клупи, а други предупредуваат дека одвивањето на наставата во училниците е голем ризик по здравјето на нивните деца.

Родителите изработија и платформа „Иницијатива на родителите за учебната 2020/2021“, а преку барање до неколку надлежни иституции, до Детската амбасада „Меѓаши“, како и до УНИЦЕФ, инсистираат онлајн наставата да биде добро осмислена, ефективна и квалитетна.

„Бараме како платформа за изведба на онлајн учењето да биде која било интернет алатка која овозможува видео конференциска врска како Microsoft teams, Zoom, Google classroom и слични.  Веруваме во капацитетот на наставниот кадар, кој и досега покажа дека поседува креативност и способност за справување со новите околности. Сметаме дека токму со барањето на оваа опција ги заштитуваме и наставниците, на кои со решението за физичка настава им е наметнат и најголем дел од одговорноста, но и ризикот од изведување на истата што подразбира и познавање на кризен менаџмент“ – се наведува во барањето на родителите.

Министерството за образование засега нема унифицирана платформа за онлајн настава која би ја користеле сите училишта во земјава. До школите доставиле предлог платформи, но училиштата сами да си одберат која ќе ја користат. Дури сега Министерството за информатичко општество се обидува да ја добие плаформата „Microsoft 365“ за да можат да ја користат сите училишта. Од МОН велат дека заедно со Бирото за развој на образованието и со помош на УНИЦЕФ се прават напори за изработка на уникатна македонска платформа.

Неделков: Наставата не смее да се унифицира

Во сите училишта во земјава нема исти услови за работа, па затоа не треба да се унифицира еден модел за настава којшто ќе важи за сите, вели во неделното интервју за РСЕ, претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

– Условите се различни по многу основи. Прво по број на заразени во средината, имаме стандарди на колку жители максимум колку заразени би било нормално, ако може така да се каже нормално. Имаме број на ученици во училиште, број на ученици по паралелки. Имаме училишта со соодветни услови за изведување на ваква или онаква настава, училишта кои се несоодветни, па имаме и локална средина, односно родители и ученици немаат технички можности да следат конкретно онлајн настава итн. Значи сето тоа е индивидуално и по нас како Синдикат би било најсоодветно да се прифати она решение кое најмногу ќе одговара на локално ниво, односно она училиште, пред сѐ, училишниот одбор ќе одлучи кое училиште како да работи – вели Неделков.

Иако беше најавено дека во вторникот Владата на седница ќе одлучи кога ќе почне новата учебна година, тоа не се случи. Засега нема ни најава кога ќе се знае кога ќе почне наставата. Образовните власти објаснуваа дека поради тоа што треба да се направат законски измени за воведување скратени часови од 30 минути, потребно е прво да се конституира Собранието. Две недели пред стартот на учебната година, и шест месеци по почетокот на корона кризата, МОН не понуди сериозни решенија за текот на наставата и сѐ е препуштено на волјата, знаењето и мотивацијата на самите училишта и на наставниците, а на штета на речиси 20 генерации ученици.

Поврзани содржини