НАСТАВАТА ДА ПРОДОЛЖИ ВЕДНАШ, А ШТРАЈКОТ ПО 10 ЈУНИ Јакимовски предлага како децата да не изгубат премногу

Поради огромни сметки за струја, Општина Карпош набавила 173 тајмери кои што после 1 часот по полноќ ќе го гасат уличното светло. Ако се продолжи како досега ќе мора да се покачи и сметката за уличното осветлување, предупредува градоначалникот на Карпош.

4,445

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски преку видео обраќање изрази поддршка за штрајкот на просветните работници и понуди предлог за минимизирање на штетите врз учениците.

Со цел да се минимизираат штетите врз учениците, Јакимовски предлага штрајкот да се стави во мирување до 10 јуни, а потоа да продолжи ако до тогаш не се постигне договор.






– Сакам јасно да кажам дека никој не смее да им се заканува на штрајкувачите, или пак да се обидува да ги присилува, односно да врши притисок за прекин на штрајкот. Тие имаат право на штрајк и јас ги поддржувам во нивните барања да се зголемат нивните плати. Од друга страна, сметам дека нашите ученици во изминатите три години имаат доволно пропусти во делот на образованието, со ковид кризата, со онлајн наставата и сега три недели е прекината наставата. Сакам да го замолам СОНК во моментов да го прекине штрајкот и да го продолжи после 10 јуни. Значи наставата да се заврши, учениците да не губат, да немаат дупка во образованието, а после 10 јуни нека продолжат да преговараат и ако не постигнат договор да не ги даваат сведителствата. На тој начин ќе го блокираат уписот во средно и во високо образование. Тоа е начин на кој можат да вршат притисок врз владата, но нема да се одрази врз наставата и образованието на нашите најмлади граѓани – рече Јакимовски.

Toj соопшти дека поради екстремно високи сметки за електрична енергија, Општина Карпош презема мерки за штедење. Тој објасни дека на располагање се две можности – едната е да се штеди, другата да се зголеми цената за улично осветлување што ќе падне врз грбот на граѓаните. За да не се оптовари дополнително буџетот на граѓаните, одлучено е да се преземат мерки за штедење, но доколку јавноста смета поинаку, Јакимовски е подготвен да распише референдум на кој граѓаните ќе донесат конечна одлука како да се премости проблемот.

– Набавивме 173 тајмери кои што после 1 часот по полноќ го гасат светлото од причини што сметките за електрична енергија се три и пол пати поголеми во однос на оние што сме ги имале претходните години во исто време, односно во 2021 и во 2020 година за улично осветлување сме потрошиле 13 милиони денари за цела година и такви историски трошоци биле предвидени за 2022 година. Но, за жал, само во првите три месеци годинава сме потрошиле 13 милиони денари за електрична енергија. Сметките кои биле 2 милиони денари сега се 7 милиони денари. Тоа се пет милиони денари плус секој месец, односно 80.000 евра. Јас како одговорен субјект кој ја води оваа општина имам на располагање две можности. Првата можност е да штедиме, а втората можност е да ја покачиме цената за улично осветлување. Тоа значи ако вие како граѓани сега плаќате по 150 денари по тарифно броило за улично осветлување, во иднина би требало да плаќате околу 500 денари за да можеме да ги покриеме трошоците. Ако граѓаните инсистираат на таа варијанта тогаш јас сум подготвен да одиме на референдум па како ќе одлучат граѓаните така – сакаат да штедиме или сакаат сметките да бидат поголеми. Во овој момент со ова исклучување од 1 часот по полноќ до 5 часот изутрина ние штедиме само 30 проценти од сметката. Тоа значи на тие 7 милиони денари, заштедуваме 2 милиони денари. Тоа значи дека и вака треба дополнително да издвојуваме 50 илјади евра од буџетот на општината. Немаме опција да скратиме други трошоци – рече градоначалникот Јакимовски.

Поврзани содржини