НАСМЕВНЕТЕ Ѝ СЕ НА КАМЕРАТА Венеција ќе го снима секој посетител, а ќе им ги следи и телефоните на туристите

Со 468 камери за видео надзор, оптички сензори и системи за следење на мобилните телефони, тие ќе можат да ги разликуваат жителите од посетителите.

454

Од контролната соба на полициското седиште во Венеција, туристите наскоро можат да очекуваат дека ќе бидат следени во чекор од страна на „Големиот брат“. Со цел да се справи со големиот број туристички посети, Венеција сака да го сними секој човек кој влегува во градот.

Со 468 камери за видео надзор, оптички сензори и системи за следење на мобилните телефони, тие ќе можат да ги разликуваат жителите од посетителите, Италијанците од странците, да видат од каде доаѓаат луѓето, каде одат и колку брзо се движат, пренесува Ројтерс.






На секои 15 минути, властите добиваат информации за тоа колку е градот наполнет, како и колку гондоли се движат по Големиот канал или, пак, колкаво е нивото на водата во морето и дали можеби се искачува на опасно ниво.

Еден месец откако на крстосувачите им беше забранет влез во лагуната, градските власти се подготвуваат да побараат од туристите однапред да резервираат посета преку апликација и да наплатат еднодневни посети од 3 до 10 евра за да влезат во градот, во зависност од сезоната. Ќе се контролира колку луѓе има во Венеција, доколку ги има премногу, нови посетители нема да можат да влезат.

Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бругнаро, рече дека неговата цел е поодржлив туризам во градот кој годишно го посетуваат 25 милиони луѓе. Тој, сепак, признава дека новите правила ќе бидат тешко спроведени.

– Очекувам протести, тужби, сè и сешто. Но, имам обврска да го направам овој град погоден за неговите жители, како и поднослив за оние кои сакаат да го посетат – рече тој во неделата за новинарите.

Бругнаро рече дека властите сè уште треба да одлучат што значат „премногу луѓе“ и кога новите правила ќе стапат на сила. Тие очекуваат дека тоа би можело да биде помеѓу следното лето и 2023 година. Овој план е веќе разговаран во 2019 година, а е одложен поради пандемијата.

Планот на Бругнар е причина за жестока дебата, бидејќи некои се плашат дека оние туристи кои се помалку финансиски способни ќе се откажат од доаѓањето, додека други го поддржуваат планот на градоначалникот.

Поврзани содржини