„НАСЛЕДНИКОТ НА КПМ ЈА ЗАГЛАВИ МАКЕДОНИЈА КОН ЕУ“ За чии интереси работи Битиќи, прашува ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ свесно ја спои земјата со Албанија, а после работеше сè за раздвојување и сега ликува затоа што Македонија е заглавена, одговори ВМРО-ДПМНЕ на пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи кој ја праша Владата кој е нејзиниот план за преговорите со ЕУ.
СДСМ продонесе за ЕУ со раздвојување на Албанија од Македонија, за чии интереси работи Битиќи, реагира владејачката ВМРО-ДПМНЕ на ставовите што денеска на прес конференција ги изнесе пратеникот Фатмир Битиќи од опозициската СДСМ, кој праша кој е планот и алтернативата на Владата понатаму за интеграција на Македонија во ЕУ по одлуката од Брисел за одвојување од Албанија „на европскиот пат“.
„СДСМ е партијата која произлезе од КПМ, тоа е партија која секогаш е против европските интеграции и партијата заради која сме заглавени во нашиот пат кон ЕУ. СДСМ свесно ја спои земјата со Албанија, а после работеше сè за раздвојување. СДСМ ликува затоа што Македонија е заглавена“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата додава дека „СДСМ со години ја држеше државата како мафијашка фавела, за да може да прават криминал и корупција и затоа и сега Македонија е заглавена“.
Пратеникот и поранешен вицепремиер Битиќи рече дека во сите анкети – над 75 проценти од граѓаните велат дека се за членство во ЕУ и дека политичарите имаат обврска да носат одлуки за да одговорат на нивното очекување.
– Владата треба да каже кој е нивниот план. На власта беше да ги подобри условите како што ветуваше. И сегашната партија ВМРО-ДПМНЕ нема добиено повеќе од 25 отсто од вкупниот број граѓани на изборите. Легитимитетот на изборите не мора да значи дека се носат добри одлуки. Но, и да прифатиме дека е тоа така, нивно беше да ги сменат условите. Да го сменат и францускиот предлог, да ја сменат и Преговарачката рамка и да го вратат името. Очигледно гледаме сценарио во кое, за жал, продолжува стариот манипулативен приод на оваа гарнитура, да изманипулираме што можеме за избори, а после кога ќе ја добиеме власта ништо од тоа не важи – рече Битиќи.
Тој додаде дека во седмицата што претстои изминуваат 100-те дена од формирањето на Владата и дека на следните пратенички прашања власта треба „да дојде со план каде ќе се движи Македонија во наредните години, кога е очигледно одвојувањето на европскиот пат од другите земји“.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштението му одговори на Битиќи и за обвинувањето дека доцни повратот на ДДВ.
„Што се однесува до компаниите, заврши времето на рекетирање и наместени тендери како во време на СДСМ. Компаниите имаат поддршка во државата и предвидливост. Со СДСМ од 2017 до 2023 година растот на БДП по глава на жител е дупло помал од тој на земјите во регионот. Овој податок е доволен за да знаеме колку СДСМ работеле за компаниите и граѓаните, а колку за себе“, порача ВМРО-ДПМНЕ.
Битиќи рече дека се враќаат сценарија од пред 2016 година со доцнење на повратот на ДДВ за компаниите, што за нив е од елементарно значење.