НАСЛЕДИВМЕ ОПШТИНА ЗА ПРИМЕР, ВЕЛИ БЕТИ СТАМЕНКОСКА Единствената жена која победи во првиот круг доаѓа на местото на Ѓорѓиевски
Знам дека довербата не се добива лесно. Ви ветувам дека уште од првиот ден ќе бидам во служба на сите граѓани. Моето место е на терен, меѓу луѓето, заедно да продолжиме да градиме подобра, поубава и поуспешна Кисела Вода, ветува Стаменкоска Трајкоска и им заблагодари на граѓаните.
„Синоќа покажавме дека Кисела Вода треба да продолжи да напредува. Победата во прв круг е најдобар показател дека наследивме Општина за пример, а тоа е нешто што го заслужува и Скопје, нешто што може да го испорача само посветен и вреден човек како нашиот Орце Ѓорѓиевски“.
Вака напиша Бети Стаменкоска Трајкоска која е единствената жена која во првиот круг од изборите ја освои градоначалничката функција.
„Знам дека довербата не се добива лесно. Ви ветувам дека уште од првиот ден ќе бидам во служба на сите граѓани. Моето место е на терен, меѓу луѓето, заедно да продолжиме да градиме подобра, поубава и поуспешна Кисела Вода“, ветува Стаменкоска Трајкоска и им заблагодари на граѓаните.
Трајкоска е дипломирана професорка по географија на УКИМ – Скопје, магистрирала менаџмент на човечки ресурси. Родена е на 19.4.1977 година во Скопје и е член на ВМРО-ДПМНЕ.
Била член на бројни собраниски тела и комисии.
Освен Стаменкоска Трајкоска, три жени ќе се борат за градоначалничката во вториот круг од изборите: Марија Нацева (ВМРО-ДПМНЕ) во Неготино, Наталија Димитриева (ВМРО-ДПМНЕ) во Демир Капија и Соња Стаменкова (СДСМ) во Македонска Каменица.
Од 309 кандидати за градоначалници, на актуелните избори, само 32 се жени. Најмногу кандидатки, три, имаше во Прилеп, додека по две се натпреваруваа во Битола, Велес, Карпош, Кисела Вода, Неготино и Центар.