НАСЛЕДИВМЕ ДОЛГОВИ НО ГИ НАМАЛИВМЕ Во општините Ѓорче Петров и Кисела Вода покрај проблемите се реализираат проекти
Долгот беше огромен за општина како Ѓорче Петров и со задоволство можам да кажам дека е значително намален, но не на сметка на реализирање на проекти - рече претседателката на Советот, Ленче Нелоска.
ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија чии темели се засноваат токму на постоењето и на работењето за подобра Република Македонија. Ние сме вистински показател како се работи со душа и со срце, и како се сака Република Македонија“, истакна Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода на трибината на ВМРО-ДПМНЕ на тема „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“.
Ѓорѓиевски посочи дека владата нема компас подолг временски период и затоа се потребни на Република Македонија итни и неодложни промени односно избори час поскоро и нов премиер, а тоа е Христијан Мицкоски. Тој додаде дека токму Христијан Мицкоски ќе покаже како државата се сака со дела, а не со празни зборови и криминал како што тоа го прави Социјалдемократскиот сојуз години наназад.
– Јас наследив општина којашто не четири туку повеќе години беше во еден зимски сон практично во хибернација. Општина којашто имаше огромни проблеми поврзани најмногу со подземната инфраструктура и надземната инфраструктура. Општина којашто јас ја затекнав со над три ипол милиони евра долг, морам да потенцирам над три ипол милиони евра долг – нагласи градоначалникот на Кисела Вода.
Тој додаде дека од денешна перспектива, Општината денес нема долг. А, патем има реализација на проекти како никогаш досега во општината.
– Кога сме кај подземната инфраструктура морам да истакнам дека за година и половина колку што јас и мојот тим ја администратираме општината Кисела Вода имаме изградено канализациони системи и мрежа на над шест километри. Водоводна мрежа над четири ипол километри, и една бројка импозантна којашто Владата ја нема сработено за години наназад, а тоа е во однос на средување на патната инфраструктура и асфалтирање за година и шест месеци имаме асфалтирано над 40 километри улици во Кисела Вода. Нешто што не се случило во општината 30 години наназад и нешто што Владата не успеа за седум години – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој рече дека над 400 дечиња чекале да бидат запишани во градинки, а сега во моментов, по отворање на две нови градинки за година и половина, списокот е намален на само 110 деца.
– Во тек е нова реконструкција на еден објект, а за два месеци од денес започнуваме со изградба на уште една градинка – соопшти Ѓорѓиевски.
Претседателката на Советот на Општина Ѓорче Петров, Ленче Нелоска, на трибината по повод 33 години од партијата сумираше што е направено во општината.
– Долгот беше огромен за општина како Ѓорче Петров и со задоволство можам да кажам дека е значително намален, но не на сметка на реализирање на проекти – рече Нелоска.
Таа информираше и што се е направено во општината во овој период.
– Изградена е градинка во Волково и се зголеми капацитетот за 200 деца на место каде никогаш немало градинки. Во другите градинки го зголемивме капацитетот за упис за 100 нови деца. И состојбата многу е подобрена. Реновиравме и две основни училишта кои беа комплетно запоставени. Кучково немаше вода за пиење, а сега денес е туристички центар. Набрзо ќе биде познато и по друга причина ќе го направиме тука првиот регионален центар за деца излечени од малигни болести – рече Нелоска.
Таа посочи дека во општината се уште има основни нерешени урбанистички проблеми и оти се реконструирани 30 улици, а санирани се проблеми на фекалната и комунална мрежа. Таа додаде дека Ново село од километарската депонија прераснува во зелена оаза.
Нелоска укажа дека општината го поддржува и спортот, клубовите, како и индивидуални спортисти.
– Општината работи чесно и домаќински, тоа го заслужуваат граѓаните. Ова што го кажав е само дел, работиме отежнато игнорирани од централната власт. А токму централната власт државата ја прави дувло на криминалот и само прави кражба на народни пари – заклучи Нелоска.