НАСЛЕДЕНИ 8 АРБИТРАЖИ, ВЛАДАТА ВЕЌЕ ДОБИ 3 СО ЗАШТЕДА ОД 565 МИЛИОНИ ЕВРА Николоски бара Обвинителството да провери зошто претходната власт сакала да плаќа милиони

Вицепремиерот Александар Николоски изјави дека случајот „Казандол“ бил наследен во затворена фаза и со сериозни отежнителни околности бидејќи претходната влада во 2023 година преговарала за спогодба и не доставила нови докази. Тој нагласи дека токму поднесувањето свежи докази и одбивањето на понудата за спогодба од 38 милиони евра било клучно за Владата да го добие спорот вреден 115 милиони евра.

421

„Со трите добиени арбитражни постапки од “Казандол”, “Саса” и “Гама” заштедивме 565 милиони евра на Македонија. Имаме голем сомнеж бидејќи ние како Влада ги добиваме арбитражните постапки, а претходната Влада се нудела да плаќа народни пари во постапките. Обвинителството е сега на потег, ги имаат на располагање сите документи и да проверат кој се договорал и учествувал во овие постапки“.

Ова го изјави вицепремиерот Александар Николоски во интервју во Дневникот на ТВ Сител.






Владата наследила 8 арбитражни постапки, три ги добила, 5 се во постапка. Додека постои оваа Влада, нема отворено арбитражна постапка и тоа е разликата, вели Николоски.

– За Казандол наследивме затворен случај. Завршните зборови се случиле во 2023 година и тоа беше првата отежнителна околност за Македонија, втората отежнителна околност е тоа што претходната Влада на 11-12 април 2023 година во Виена водела преговора за спогодба, а кога водите преговори за спогодба, вие признавате вина и третата работа беше што воопшто не се обидувале да обезбедат нови докази. Ние решивме повторно да го отвориме случајот, понесовме барање до Арбитражниот суд во Вашингтон, тие се согласија, понесовме нови докази. Можам само да погодувам зошто претходната Влада не ги доставила тие докази, а тие докази беа клучни да се сврти постапката во наша корист. Пред Нова година, инвеститорите од Казандол понудија спогодба со која признаваат дека ќе го изгубат случјот , понудија спогодба од 38 милиони евра наместо од 115 милиони евра. Ние тоа го одбивме и тоа беше клучен момент зошто го добивме случајот – истакна вицепремиерот Николоски.

Како што потенцираше, во овие арбитражи има и политички аспект, а тоа е одговорноста зошто претходната Влада ја изложувала Македонија на огромни трошоци за арбитража упатувајќи на тоа Обвинителството да ги истражи сите постапки.

– И јас и премиерот изнесовме сомневање во јавноста како е можно и е чиста логика оваа Влада да добива арбитражи, а претходната Влада да ги губи или да отворала арбитражи. Другата работа е како Македонија се изложила на арбитражни спорови, а ние треба да се бориме со силни адвокати и да се донесеме на нула за да не плаќаме ништо. Очекувам Обвинителството да ги отвори овие случаи, да види кој работел на овие случаи, кои се лицата кои носеле одлуки и да поведе постапки, зашто изложеноста е огромна, или да види на пример кои на 11-12 април од претходната Влада преговарале со претставници на „Казандол“ да платат пари, а ние еве го добивме случајот – вели тој.

Во интервјуто тој додаде и дека од претходната Влада наследени се арбитражни постапки за “Шпанските скали” во Скопје во висина од 145 милиони евра, за депонијата “Дрисла” од 95 милиони евра, за Клиничка болница во Штип од 26 милиони евра и за Клинички центар Скопје од 24 милиони евра.

Поврзани содржини