НАСКОРО ОД КОМУНИЗМОТ ВО ЊУЈОРК ЌЕ БЕГАТЕ ВО МАЈАМИ! Трамп за прв пат го коментираше изборот на Зохран Мамдани за градоначалник

Мамдани најави зголемување на даноците за најбогатиот еден процент жители на Њујорк, вклучувајќи и рамен данок од два проценти за секој што заработува повеќе од еден милион долари годишно.

1,158

Американскиот претседател Доналд Трамп, за прв пат ја коментираше победата на Зохран Мамдани на изборите за градоначалник на Њујорк, обвинувајќи ги демократите за „екстремизам“ и тврдејќи дека резултатот го покажува она што, според него, Демократската партија сака да направи со земјата.

Зборувајќи во Мајами на Американскиот бизнис форум, Трамп рече дека победата на Мамдани, кого го нарече „комунист“, ги одразува политиките на демократите во Конгресот.






– Ако сакате да видите што демократите во Конгресот сакаат да направат со Америка, само погледнете ги резултатите од вчерашните избори во Њујорк, каде што нивната партија постави комунист за градоначалник на најголемиот град во земјата – рече Трамп.

– Се сеќавате кога реков дека никогаш нема да имаме социјалист на која било функција во нашата земја? Тоа е она што го реков … ги прескокнавме социјалистите, ги поставивме комунистите – додаде тој.

Трамп, сепак, рече дека е „отворен“ за соработка, иако претходно се закани дека ќе го намали финансирањето на градот.

– Ќе видиме како ќе испадне. И ќе им помогнеме. Ќе им помогнеме. Сакаме Њујорк да биде успешен. Можеби ќе им помогнеме малку – додаде тој.

Новите изјави на Трамп доаѓаат откако тој предупреди пред изборите дека, ако Мамдани победи, може да го ограничи федералното финансирање на неговиот роден град „на апсолутниот минимум што е законски потребен“.

Трамп додаде дека „Мајами наскоро ќе биде прибежиште за луѓето што бегаат од комунизмот во Њујорк“, тврдејќи дека демократите се „толку екстремни“.

Неговите коментари се првиот јавен одговор на изборниот резултат откако Мамдани ги победи републиканецот Кертис Слива и поранешниот гувернер Ендрју Куомо, кој овој пат влезе во трката како независен кандидат. Трамп јавно го поддржа Куомо еден ден пред затворањето на гласачките места.

Новоизбраниот градоначалник Мамдани, по победата изјави дека неговата администрација ќе застане во одбрана на градот против Трамп. Тој рече дека негова цел ќе биде Њујорк да стане град што луѓето ќе можат да си го дозволат.

Мемдани најави зголемување на даноците за најбогатиот еден процент жители на Њујорк, вклучувајќи и рамен данок од два проценти за секој што заработува повеќе од еден милион долари годишно. Тој, исто така, планира да го зголеми корпоративниот данок на 11,5 проценти, што е горната граница во соседниот Њу Џерси. Според неговите тврдења, ова би собрало околу 9 милијарди долари.

Кога го прашаа дали ова ќе ги избрка работодавците од градот, Мамдани рече дека работниците веќе се принудени да си заминат поради превисоките трошоци за живот, особено трошоците за грижа за деца, што им отежнува на компаниите да ги задржат вработените.

Поврзани содржини