НАСКОРО НОВА СРЕДБА СКОПЈЕ – СОФИЈА ЗА ПРУГАТА Николоски најави ревизија на проектот за третиот дел од пругата
Министерот за транспорт вели дека ќе се прави ревизија и на цената која според актуелниот проект е 560 милиони евра која смета дека е многу висока.
На крајот на месецов претставници од Бугарија треба да дојдат во Скопје за да продолжат разговорите за железничкото поврзување меѓу двете земји, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
– На последниот состанок во Софија, согласно официјалниот записник, договорено е дека треба да се направат повеќе работи. Првата работа којашто треба да се направи е да се направи заедничко проектирање за тунелското решение коешто треба да ги поврзе двете држави. Втората е заеднички да се избере изведувач, што е единственото логично што може да се направи и третата работа е во однос на делот од македонска страна да се направи ревизија на проектот и на цените, затоа што мислам дека никој не е наивен да верува дека 24 километри треба да чинат 560 милиони евра – рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање пред настан на Сојузот на стопански комори по повод нејзиниот 20-ти роденден
Тој додаде дека владата не се откажува од овој проект и е задоволен што банката која го кредитира третиот дел од оваа железница се согласила да се ревидира проектот.
За железничкиот Коридор 10 истакна дека се развива алтернатива од бугарска страна и затоа треба да сме свесни дека инвестирањето во овој коридор е приоритет.
-Во следните два месеци ќе излезам со конкретни решенија кои ќе ги презентирам во јавноста за подоцна да можеме да почнеме со градба. Рок за дизајн и за проектирање е една година, а рок за изградба е четири до пет години во зависност од теренот. Тоа значи дека целиот проект треба да трае помеѓу пет и шест години – рече Николоски.
Првиот човек на Сојузот на комори Трајан Ангелоски, пак, смета дека владата треба да ѝ даде приоритет на брзата пруга кон Солун, бидејќи ова пристаниште е најважно за македонската економија.
– За бизнисот приоритетно е Солунското пристаниште. По него е приоритет Драч, а како последен приоритет е пристаништето во Бургас. Затоа сметам дека приоритет треба да биде брзата пруга кон Солун и интензивирање на инвестициите во патната мрежа бидејќи пат на кој се вози 50 до 60 километри на час е бавен – рече Ангелоски.