НАСКОРО ЌЕ СЕ ЗНАЕ ИМЕТО НА ТРЕТИОТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР Денеска се отвараат понудите

Одлуката за избор на понудувачи кои ќе учествуваат во постапката на јавно наддавање треба да се донесе во рок од 10 дена од отворањето на понудите.  Во неа ќе се утврди местото и времето на одржување на јавното наддавање што нема да биде пократко од 14 дена и подолго од 30 дена од нејзиното носење.

104

Во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска треба да бидат отворени понудите од тендерот за доделување фреквенции за трет мобилен оператор. Предвиденото јавно наддавање ќе се изврши доколку за исто одобрение за користење радиофреквенции се квалификуваат најмалку двајца понудувачи.

Доколку се заокружи постапката со која што покрај „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“ во државава ќе добиеме нов мрежен оператор, според оценката на експертите од телекомуникациската област, тој ќе цели да преземе дел од пазарот од постоечите мобилни оператори и да навлезе со сервиси кои се помалку достапни на пазарот. Ќе биде клучно да обезбеди одличен баланс меѓу трошоците за изградба на инфраструктура, квалитетот на сервисите и цените. Влезот на новиот оператор е во услови кога од услугите на телекомуикацискиот пазар најниско задоволство има од цените на мобилната телефонија со 55,9%.






Заклучно со првиот квартал од годинава во државава се регистрирани 1.941.996 активни претплатници во мобилната телефонија, во кои удел од 47,69% има А1 Македонија, 46,66% Македонски Телеком, 3,38 % на М-ТЕЛ, виртуелниот мобилен оператор што влезе на пазарот во октомври 2022 година, 1,34% на Телекабел, 0,38% Мтелмобајл, 0,10% Греен мобиле.

– Влезот на нов мобилен оператор, со сопствена инфраструктура, доколку се реализира ќе биде одлична работа за сите во Македонија, бидејќи може само да ја прошири понудата на телекомуникациски мобилни услуги, да ја зголеми конкуренцијата и дополнително да го раздвижи и да го подобри телекомуникацискиот односно дигиталниот пазар кај нас – изјави за МИА професорор Тони Јаневски, од Институт за телекомуникации на Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).

Според Јаневски, треба да се почека да се види како ќе одвива најавата за влез на нов мобилен оператор, како трет во Македонија, што, потенцира, секако ќе зависи и од стратегијата на АЕК како регулаторно тело, бидејќи новиот оператор ќе треба да добие различни фреквенциски опсези, пред се за 5Г, како за покривање во руралните подрачја, така и за капацитет во урбаните подрачја за работа како мобилен оператор со своја инфраструктура.

– Секако генерално пазарот на мобилна телефонија (генерално мобилни услуги, односо сервиси), сега е заситен во секоја земја. Тоа значи дека сите кои сакаат да имаат пристап до мобилни услуги веќе имаат, така што секој нов мобилен оператор ќе цели да преземе дел од пазарот од постоечите мобилни оператори и/или да навлезе на пазарот со сервиси кои се помалку достапни на пазарот, па за евентуалниот нов мобилен оператор  клучно ќе биде да обезбеди одличен баланс меѓу трошоците за изградба на инфраструктура, која секако ќе трае со години, а потоа квалитетот на сервисите кои ќе ги понуди (покреност со мобилната мрежа, надежност на мрежата, битски брзини на различни локации во мрежата и нивна одржливост, доценење од крај до крај, итн) и цената на сервисите за даден квалитет на сервисот, за граѓаните и за бизнисите – вели Јаневски.

АЕК, со тендерската постапка што ја објави на 18. минатиот месец, треба да додели одoбренија за три фреквенции, А1 за радиофреквенциски опсег 703-713/758-768 MHz (2×10 MHz) на целата територија, Б1  за радиофреквенциски опсег 1775-1785/1870-1880 MHz (2×10 MHz) и C1 за радиофреквенциски опсег 3.5-3.6 GHz (1×100 MHz).

Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надомест за добивање одобрение за користење на радиофреквенции за одобрението А1 изнесува 4.200.000 евра, за В1 1.500.000 евра, а за С1 2.320.000 евра.

Kритериум за избор на најповолен понудувач за доделување на одобренијата е висината на еднократниот надомест.

Одлуката за избор на понудувачи кои ќе учествуваат во постапката на јавно наддавање треба да се донесе во рок од 10 дена од отворањето на понудите.  Во неа ќе се утврди местото и времето на одржување на јавното наддавање што нема да биде пократко од 14 дена и подолго од 30 дена од нејзиното носење.

АЕК на 22 април годинава објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.

По завршувањето на јавната расправа до АЕК пристигнаa Писмa за искажување интерес од три заинтересирани страни: ОНЕ Македонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје, Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје и од е& ппф Телеком Груп Б. В.

 

Поврзани содржини