НАСКОРО ЌЕ СЕ ПОТПИШЕ СТРАТЕШКИОТ ДОГОВОР СО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ОД 6 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Се стартува со модернизација на железницата и изградба на неколку проекти во здравството
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека покрај политичките бенефити овој договор има економски кои ќе придонесат за стабилноста и перспективата за земјата.
Првата причина е стратешка и политичка. Колку повеќе стратешки договори и вакви партнерства имаме со големи и значајни светски фактори, како што е Обединетото Кралство, толку подолгорочна ќе биде стабилноста и перспективата на Македонија како држава, но и на граѓаните. Јас на овој договор гледам како на чекор напред во таа насока. Убеден сум дека ваквиот вид пријателство и партнерство може да донесе само добри работи за граѓаните.
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, во врска со, како што оцени, историскиот договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
-Во економска смисла- тоа е втората причина- веќе споменавме дека имаме рамка со која ни се ставаат на располагање околу 6 милијарди евра, или околу 5 милијарди фунти- рече Мицкоски.
Станува збор за два типа на проекти кои се договорени за работа – рече Мицкоски.
-Првиот е реконструкција, модернизација и изградба на уште еден колосек на пругата што е дел од Коридорот 10, на потегот од Табановце до Гевгелија. Втората група проекти се поврзани со здравството: конечно завршување на Клиничкиот центар Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом со 200 легла, завршување на здравствената установа во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово- додаде Мицкоски.
Тој најави дека продолжуваат и понатаму да ја искористуваат рамката што им стои на располагање. Тука, подвлече, секако, спаѓаат проекти од енергетиката, проекти особено од транспортот, како и проекти од областа на медицината и здравството.
– Можно е, во догледно време, доколку сè функционира на начинот на којшто очекуваме, да биде изграден и големиот клинички центар во Скопје. Така што, придобивките ќе се мултиплицираат, и јас сум убеден дека како држава сме на прагот на еден трансформационен период. Станува збор за трансформациони проекти кои што имаат за цел да додадат вредност- не само во квалитетот на живот на граѓаните тука, туку и генерално во македонската економија – дециден е премиерот Мицкоски.
Во претстојните денови ќе биде остварена и посета на Лондон каде високи делегации од двете влади ќе потпишат договор.