Наскоро ќе проработи нов Воспитно поправен дом во тетовското село Волковија
Вкупната вредност на изградбата на Домот е 253.582.000 денари.
Наскоро ќе проработи новиот Воспитно поправен дом за деца штитеници кој се гради во тетовското село Волковија, за кој ќе бидат потрошени 253.582.000 денари. Со неговото пуштање во употреба се очекува да се подобрат условите за сместување на штитениците и да се подобри грижата, ресоцијализацијата и рехабилитацијата за овие деца.
Воспитно-поправниот дом зафаќа површина од околу 16.000 квадратни метри и е ограден со безбедносна жичена ограда, шеталишта, спортско игралиште за кошарка, мал фудбал и ракомет.
Од Министерството за правда велат дека целосно се исполнети условите за самостојно функционирање на установата.
Има три објекти за сместување во отворени одделенија и одделенија за засилен надзор, со нето површина од 1.920 м2, а покрај сместувачките објекти изграден е административен блок со нето површина од 1.603 м2, во чии рамки е приемното одделение, одделение за посети, амбуланта за општа медицина и стоматологија, кујна, трпезарија, перална, едукативно одделение, повеќе наменска спортска сала и административен дел за вработените во установата, како и објект со две работилници и гаражи за работно ангажирање на штитениците.
– Оваа установа која наскоро ќе биде ставена во функција ги задоволува сите европски стандарди за сместување и работа со деца во судир со законот. Отпадните води целосно се прифаќаат и се одведуваат до пречистителна станица. Изградена е котларница која за погонско гориво користи лесно масло, наменета за затоплување на објектите, како и соларни панели на секој објект – велат од Министерството за правда.
Министерот за правда Бојан Маричиќ и заменик министерот за правда Агим Нухиу, заедно со амбасадорот на Холандија во земјава Дирк Јан Коп, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, и директорот на Управата за извршување на санкциите Марјан Спасовски денеска беа во увид на градежните работи на домот.