НАСКОРО АВИОЛИНИЈА ЗА САУДИСКА АРАБИЈА Николоски кажа кога ќе почне реконструкцијата на аеродромот во Охрид
Министерот за транспорт информира дека аеродромот во Охрид е веќе легализиран.
Следната недела започнуваме со прва реконструкција на охридскиот аеродром, прва од неговата изградба. Во меѓувреме работиме на Договор со Саудиска Арабија во делот на авиосообраќајот и очекувам да воспоставиме директна линија меѓу двете земји, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
– Инаку охридскиот аеродром до скоро беше нелегален објект, го имавме пред нас но на хартија го немаше. Успеваме да го легализираме, што е срамно за државата да еден од двата аеродроми да го немаш на хартија. Тоа беше тежок процес затоа што треба да впишете цела инфраструктура. Но тоа е завршено и следно е реконструкцијата што ќе донесе повеќе летови и патници и очекувам туристичкиот дел да се насочи таму, а бизнис делот да доаѓа во Скопје – рече Николоски во гостување на ТВ Сител.
Николоски кажа и до каде е процесот на воспоставување авиолинија со Саудиска Арабија.
– Веќе поминавме протокол за Договор со Саудиска Арабија, очекуваме во следните месец дена да го преговараме, да го потпишеме и да имаме директен лет од Саудиска Арабија до Скопје од еден од тамошните аеродроми -рече Николоски.
Тој вели дека за овие година и половина значително се развива авиосообраќајот и го потенцира фактот што до сега се воспоставија 23 нови дестинации од домашните аеродроми што за Македонија е огромно достигнување.