НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИ ЕСКАЛИРА, ОСУМ СЛУЧАИ САМО ОКОЛУ ПРАЗНИКОТ!? Шестмина насилници се уапсени

Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.

140

Полицијата евидентирала осум случаи на семејно насилство во Скопје, Росоман, Кичево и во виничко село, за само два дена, при што се уапсени шест лица, извести МВР во Билтенот.

Во скопската населба Карпош, синоќа околу 23 часот, бил уапсен 48-годишен скопјанец откако во семејниот дом ја натепал својата 44-годишна сопруга и притоа искршил дел од покуќнината.






Во друг случај, исто така во Карпош, нешто по полноќ бил уапсен 52-годишниот М.Д. од Скопје. Според пријавата, завчера попладне во домот им се заканувал на сопругата со која бил во бракоразводна постапка и на нивниот 17-годишен син, а ѝ го оштетил и мобилниот телефон.

Семејно насилство било пријавено и од 38-годишна жена од Скопје, која навела дека во периодот од завчера до вчера нејзиниот девер, 44-годишен скопјанец, преку телефон ѝ се заканувал нејзе и на други членови од семејството.

Полицијата уапсила и 65-годишен маж од скопско откако вчера попладне со тврд предмет ја натепал својата 62-годишна сопруга во семејниот дом.

Во уште еден случај, 41-годишна жена пријавила дека вчера попладне во скопско била натепана од нејзиниот поранешен партнер.

Во Росоман, вчера вечерта бил уапсен 69-годишен маж кој им се заканувал на својот 44-годишен син и на снаата. При интервенцијата полицијата утврдила дека бил пијан, со 1,40 промили алкохол во крвта.

Во Кичево, вчера попладне бил уапсен 37-годишен маж кој во семејниот дом го натепал својот татко.

Во виничко село, вчера попладне полицијата уапсила 58-годишен маж од Виница, кој и покрај судска забрана да ѝ се приближува и да воспоставува контакт со поранешната партнерка, завчера и вчера во повеќе наврати ја пресретнувал во селската продавница, одел и кај нејзиниот дом и ѝ се заканувал. При апсењето било утврдено дека бил под силно дејство на алкохол, со 3,30 промили во организмот.

Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Поврзани содржини