НАСИЛНИКОТ СЕКРЕТАР НА ГРАД СКОПЈЕ ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА Советничката Ангелова очекува брза реакција од градоначалничката Арсовска
Емилија Ангелова, советник во Советот на Град Скопје, бара секретарот Зоран Глигоров да одговори дали се вистинити наводите дека во два наврата, во 2007 и во 2017 година бил пријавен за нанесување на телесни повреди при вршење на семејно насилство, преку повеќе удари и изненаден напад. Од Глигоров се бара да да одговори и дали се вистинити наводите дека како секретар на Град Скопје физички и вербално се пресметувал со лице вработено во оваа институција.
– Институциите се одговорни постојано да се борат против и да се обидуваат трајно да ги искоренат овие појави од општеството. Наместо тоа, Зоран Глигоров се уште е на позиција секретар на Град Скопје. Поради стравување од можно повторување на ваквите насилни дејствија бараме Зоран Глигоров веднаш да поднесе оставка од позицијата секретар на Град Скопје – изјави Ангелова.
Таа очекува градоначалничката Данела Арсовска да реагира, да ги провери состојбите кои се пласирани во јавноста и за истото да информира дали и како ќе постапи односно дали ќе го разреши или не Глигоров од именуваната позиција.