НАСИЛЕН УЧЕНИК ЗАТВОРИ ДВЕ УЧИЛИШТА Бојкот на наставата во „11 Октомври“ и во „Лазо Ангеловски“
Да се бојкотира наставата и ниту еден ученик да не оди во училиште од утре до решавање на проблемот со насилниот ученик од трето одделение, одлучи Советот на родители од ООУ „Лазо Ангеловски“ во скопската општина Аеродром на вечерашната вонредна седница.
„Согласно донесената одлука апелираме како совет утре сите ученици да останат дома и да им дадеме можност на надлежните да изнајдат решение за проблемот со кој се соочуваме а од кое ќе бидеме сите задоволни и ќе ги пуштиме нашите деца на настава без притоа да се грижиме дека истите безбедно ќе се вратат дома. Одлуката за бојкот се однесува за 5.12.2024 година – четврток и важи за сите одделенија од 1-во до 9-то. Во текот на утрешниот ден, допопнително преку преставниците, ќе биде споделена информација до сите вас за преземените чекори кои ќе се однесуваат на периодот кој следи“, се наведува во заклучокот на Советот.
Според нив, се очекува да биде спроведена одлуката од Министерството за образование со кое се предлага проблематичниот ученик да ја промени средината, односно да биде префрлен во друго училиште, затоа што останувањето во „Лазо Ангеловски“, не е добро ниту за него, ниту за останатите ученици.
Проблемот со овој третооделенец, ексалираше откако училиштето „11 Октомври“ во општина Центар, одби да го прими ученикот кај нив на настава. Родителите на учениците од „11 Октомври“, веќе неколку дена не ги пуштаат учениците од прво до четврто одделение во училиште, откако разбраа дека се работи за проблематичен ученик кој треба да направи трансфер од друго основно училиште, а ним им се придружија и неколку од повисоките одделенија.
Министерката за образование Весна Јаневска вели дека случајот добил преголема и непотребна јавност.
– Секое дете во земјата има право на образование кое и е задолжително, системот на државата е должен да му овозможи на било кое дете да поминува низ образовен процес. Ако стручни лица препорачале детето да ја промени средината, значи треба да ја промени. Училиштето од каде што потекнува детето, на располагање има психолог, педагог и директор и цел систем за да го реши проблемот. Ист таков систем има и училиштето во кое што оди сега детето. Тоа не смее да остане на улица – порача Јаневска.
Неофицијално, за утре e закажан состанок во МОН на кој се очекува решение за проблемот со проблематичното дете кое е причина за бојкотот на наставата, по што и учениците би се вратиле на настава.