Нашите жални ликови

Веројатно гледајќи се себеси како некакви потомци на Зевс – иако добро знаат дека тоа е строго забрането со т.н. Преспански договор – тие гаѓаат со памучни молњи и ќор-фишек громови, фрлаат отровни стрелички мислејќи дека користат најнови модели Ф-16, пешадиски борбени возила „Страјкер“ и ракети „Џејвлин“…, само да ја постигнат целта.

219

Во секоја држава, па и во најсреќната, има жални ликови. Ги има и во Финска, а ги има и кај нас, но веројатно во поголем број. Тоа, се разбира, наспроти вулгарниот поздрав на „тетка Марта“, не нѐ прави „тажна приказна“ туку, можеби, само ги потенцира оние жална ликови секогаш построени во чест на такви мрачни еу персони. Од таквите друштва и сонцето бега кога тие ќе се појават на хоризонтот. Или – во периметарот, како што сакаат да мудруваат Цепенковиве „философи“. Зашто, ако веќе некој бара „црни облаци, пороен дожд, град и поплави“, нивниот „ментален склоп“ е токму тоа. И го затскрива секое сонце, апсолутно!

Веројатно гледајќи се себеси како некакви потомци на Зевс – иако добро знаат дека тоа е строго забрането со т.н. Преспански договор – тие гаѓаат со памучни молњи и ќор-фишек громови, фрлаат отровни стрелички мислејќи дека користат најнови модели Ф-16, пешадиски борбени возила „Страјкер“ и ракети „Џејвлин“…, само да ја постигнат целта. А таа, целта, иако одамна провидна, и понатаму се обидува да се затскрива зад некаква „идеологија“ и „решенија“. Иако од нив – ни трага ни глас. Жални ликови со безнадежни опции!






Таквите наши тажни ликови се само блед провинциски отсјај на некаква „интелектуалност“ полна со безобразие и простотилак, со наперчена реторичност собрана ваму-таму по некакви „брзи курсеви“ или „бихаќки школи“ како бедна замена за онаа во Кумровец. И во ништо не можат да видат сонце ако тоа не грее од страната на нивните фаворити. Оние кои имаа цели седум-осум години на располагање, ама ги потрошија на беспризорен криминал и корупција. А сега нивнава клиентела запнала да ни ги врати!

И тоа се, повторно, здружени напори, заеднички локален бандитски фронт на оние високи еу (малите букви се…) претставници со распарталенава „македонска“ опозиција и нивниве зарипнати „интелектуални“ мегафони, сите топтан идентификувани како самото политикантско дно кај нас. Оние остатоци од мизернион „куќен совет“ веќе не се срамат ни од онаков „пречек“ пред Собранието мислејќи дека „ќариле“ неколку гласачи плус со нивното ефтино профитерство од трагедијата; безгласно поминува и она дегутантноно шоу на бившиот министер за надворешни и неговиот „домаќин“ на една национална телевизија; нашиот „адут“ во нато (малите букви се…) ја пентарат на скалила да им објаснува што е тоа мусака и како таа се идентификува со неа… Господ да чува и да брани од луѓе без ум и морал!

Жалните ликови од онаа „пајтон интелигенцијата“ упорно нешто мудруваат за некакви столчиња, за Москва, плачат за нашите евроинтеграции и трчаат по Марта влечејќи ја за ракав да не нѐ напушта туку и понатаму да смета на поддршката и соработката на криминално-коруптивната коалиција. Запнале да ја оправдаат тажната приказна иако главните актери во неа и понатаму им се смеат и си играат мижитатара со нив. Нѐ „убива“ сељачизмот на другите, ни ги затвора хоризонтите, не прави помали од зрнцето песок. И немаме одговор кому толку згрешивме, или грешиме, и што треба да направиме за овие да се свестат дека сепак се граѓани на една суверена и независна држава. Каква-таква! Или мислат дека се на еу?

Заради една „шака јада“ светот нѐ гледа како мангупско-мафијашка држава во којашто секој, па дури и претседателката на ДКСК, прави што сака и како сака. Како впрочем и заради оние шушумиги од Судскиот совет, па уште и едно чудо други приврзоци на бившата криминално-коруптивна коалиција испорачуваме слика на деформирана збирштина развлечена на неколку страни. И тоа е така кога провинцијалецот ќе се види себеси како власт, па нека е и бивша, кога приглупи и полуписмени луѓе ќе помислат дека се некаков фактор што креира некаква државна политика. Проблемот е сериозен зашто глупостите (како најблаг можен израз) на таквите тажни ликови не ги тангираат само нив туку целата држава, нејзините највитални политики, дури самиот нејзин опстанок.

Којшто некому очигледно му пречи. Им треба вазалство, оглав, наредби и диктати…, некој да им каже кога и каде да одат, ако воопшто смеат да одат, што да прават и што да мислат, ако воопшто и тоа им е дозволено. Затоа веројатно и изедначувањето на патриотизмот со предавството, победничкиот 9 Мај во Москва со некакви запрепастувачки автократски забрани од „тетка Урсула“, „двоножецот“ еу им се гледа како столче на коешто можат да седнат и да плачат по евроинтегративниот процес, по „француската рамка“ и „Бугарите во Устав“… Сето тоа само ја зацврстува мислата дека не само во онаа еу туку и кај нас нешто дебело – смрди. Зашто, да се залагаш односно да помагаш колективно самоубиство на цел еден народ заради грст сребреници – или како ли веќе (ќе) се вика онаа финансиска „помош“ од еу – е нечесно, неморално, дегутантно. Дури и ако е добро платено!

Се разбира, историјата сето тоа ќе го запише за идните генерации, а и тоа е некаква сатисфакција. Ќе ги запише и имињата на оние кои го извршија првото предавство, но и на вториве. Барајќи си алиби, докторот кој глумеше министер за надворешни ги „навезе“ сите до еден! Барем од бившата врхушка. Иако не беше само таа. Ќе се воздржам од идентификации, па и „потешки“ квалификации, иако дотичната плачлива „пајтон интелигенција“ тоа апсолутно го заслужува. Зашто нивното повеќегодишно, кај некои и повеќедецениско, „делување“ во македонскиот јавен простор е погубно, крајно неморално и во самата суштина – подмолно. Во чија полза, за кого? Белки некој, некогаш, ќе (се) праша?

Затоа, впрочем, ќе се навратам на еден цитат за интелектуалецот од американскиот социолог Валерстин според којшто, токму во времето на транзиција, „Интелектуалецот неопходно оперира на три рамништа: како аналитичар во потрага по вистината; како морална личност во потрага по доброто и убавото; како политичка личност, барајќи го обединувањето на вистината со доброто и убавото“! Зошто го цитирам ова? Затоа што без такви поединци, ниту една држава не може да опстане. Оние како Македонија – особено! И овде не се обидувам да спорам со некакви и нечии права и/или слобода на говор да пелтечат за сѐ и сешто. Но, ако со децении верглате едни исти „тези“ и невистини, ако упорно, речиси налудничаво навивате за една коруптивно-криминална политикантска опција којашто ја доведе државата до самиот раб на културно-идентитетскиот амбис…, тогаш нешто не е во ред, нели?!

И каде е тогаш тука вистината, доброто и убавото или обидот да се достигне нивната синтеза? Или овие жални ликови кои целено ја шират наметнатата претстава за некаква македонска „тажна приказна“ во неа ја гледаат таа синтеза? А нивните криминалци како нејзини спасители и (повторно) откровение за нас?! Едните камуфлирани во европски мулти-култи протагонисти, другите маскирани во надобудни локални прогресивци, повторно намислиле здружено да ги впрегнат партиските орди во нов поход против сопствената држава. Ако им дозволиме, се разбира.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини