„НАШИТЕ ДЕЦА ОСТАНУВААТ ВО ФОКУС“ Костовски ветува изградба на две нови училишта во Бутел
Актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за уште еден мандат во Општина Бутел, Дарко Костовски, најави нови образовни проекти и потенцира дека во изминатите четири години биле инвестирани рекордни средства во образованието.
Актуелниот градоначалник на Општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, кој е во трката за уште еден мандат, им вети на жителите изградба на две нови основни училишта во Љубанци и Љуботен.
– Позади мене е новоизграденото основно училиште во Визбегово. Тоа е сигурен доказ дека на место на најстарите основни училишта на територија на општина Бутел, Љубанци и Љуботен, ќе изградиме две нови основни училишта – изјави Костовски.
Тој потсети дека во текот на неговиот четиригодишен мандат биле инвестирани рекордни 215 милиони денари во образованието.
– Обезбедивме ранче со прибор за секое прваче, бесплатни униформи за сите ученици, како и стипендии за најдобрите ученици – нагласи актуелниот градоначалник.
Костовски додаде дека биле изградени нови информатички кабинети, реконструирани училишни дворови, а за децата биле поставени нови игралишта и спортски терени.
– Нашите деца остануваат во фокус и во наредните четири години – порача Костовски.