НАШИОТ УСТАВ Е КАКО ФУСТАНОТ НА ПЕПЕЛАШКА, НЕ СЕ КРПИ ВЕЌЕ Ни треба нов и модерен устав, за модерна македонска нација, вели Ванковска
Досегашната претседателска кампања кандидастката на Левица ја оцени како нефер и недемократска од почеток, бидејќи стартувале со различни позиции, „помалите“ кандидати биле „ограбени“ во однос на медиумското претставување.
„Македонскиот Устав веќе не може да се крпи, оти сега е крпеница, наликува на фустанот на Пепелашка со безброј амандмани. Нам ни треба нов, модерен, современ устав за 21 век, за модерна македонска нација“.
Ова во Куманово го истакна претседателската кандидатка на Левица, професорката Билјана Ванковска.
– Нов модерен устав за модерна македонска нација која ги преминала болките кои ги имала во минатото, мислам на конфликтот 2001, меѓутоа и на олигархискиот грабеж кој ѝ се случи на Македонија и фактички оваа колонијална положба во која се наоѓаме – рече Ванковска.
Ванковска пред кумановци порача дека Левица ќе го врати достоинството на нацијата.
– Да се достои, значи да се опстои на принципите на кои е изградена државата, тие се левичарски принципи на македонската револуционерна организација и АСНОМ. Ако си ги вратиме и опстоиме на тие идеали, само тогаш ќе можеме себе да се наречеме и горди луѓе. Она што досега се случуваше нè доведе до работа на тоа да престанеме да си веруваме себе си дека воопшто сме способни да имаме сопствена држава. Договорите кои ги оспорувам во програмата се трите кои ни се наметнати однадвор или под наислство или посредување на странци, листата на барања очигледно не престанува очигледно дека прашањето на Уставот останува клучна тема на оваа т.н. дебата, бидејќи дебата нема кандидатите не сакаат да се соочат – рече Ванковска.
Досегашната претседателска кампања Ванковска ја оцени како нефер и недемократска од почеток, бидејќи стартувале со различни позиции, „помалите“ кандидати биле „ограбени“ во однос на медиумското претставување.
– Додека другата страна може да троши стотици илјади евра за бини, спектакли, огномети, да носат по 200 автобуси, ние сме скромни и горди на себе, бидејќи комуницираме со обичен народ со сиромашен, а не вештачки да го прикажуваме поброен или поинаков од она што е. Нема да има фер изборна кампања – нагласи Ванковска.