НАШИ МУЗИЧАРИ „ГАЗАТ“ НА ЈУТЈУБ, СПОТИФАЈ, ТИКТОК… Срна вели дека Македонија може да биде музички лидер во регионот (ВИДЕО)
„Во моментов смимам спот којшто ќе биде објавен на српски канал, со кој веќе имав соработка за претходната песна 'Pit Stop'. Нашиот стил и звук се издвојуваат од останатите и би рекла дека оваа музика е слушана на Балканот, без разлика на јазикот на којшто се изведува. Популарноста на нашите артисти надвор од нашите граници е приближно иста како и популарноста дома“, вели пејачката Срна.
Додека медиумите молчат и не пуштаат домашна музика, тивко, преку ноќ, покроце, или можеби баш бучно, со сите сили, нашите млади артисти од новата генерација најдоа и уште изнаоѓаат начини да допрат до публиката – дома, но и во глобалниот простор. На платформите како Јутјуб, ТикТок, Спотифај, Бендкемп, Саундклауд нема бариери за македонската музика, па дури и за пеењето на наш јазик. Рап, трап, даб-степ, хард-стајл …
Македонската артистка Срна веќе подолго време опстојува на сцената, а нејзините песни имаат и до 200.000 видувања на Јутјуб. Луѓе од регионот, а не само од кај нас, ѝ пишуваат во коментари, а спотовите изгледаат прилично професионално, осмислено.
2020 година навистина беше година кога жените-раперки го освоија светот, од Карди Б и Ники Минаж, до поандерграунд девојките како БИА. Се чини дека сè е на своето место и дигиталната револуција може да ги замени телевизиите. Каде сме тука ние?
– Кај нас е факт дека најмногу се користи Јутјуб за промоција на музика, што не е случај со европските земји, каде што Спотифај е многу поразвиена алатка за стриминг и за заработка. Често е случајот артистите од другите земји да имаат повеќе стримови на Спотифај отколку на Јутјуб, а заработката е релативна работа. Таа зависи од многу аспекти. Секако, ние во тој поглед не можеме да се рамниме со другите земјио – вели Срна на нашето прашање.
Но, дали и колку може да се заработи на овој начин?
Во моментов Јутјуб плаќа 3 до 5 долари за 1.000 прегледи на едно видео, а ТикТок само 2 до 4 центи за истиот број посетители. Математиката вклучува и тоа колку ќе вложите во платформата, дали ќе ставите реклами во вашето видео… Исто така, ТикТок е во подем и без разлика што плаќа помалку, умно би било да се инвестира во нови платформи. Спотифај плаќа 1 долар на 250 стримувања, што е слично со Јутјуб, иако Спотифај не работи со видеа.
Малите студија ги „изедоа“ големите продукции
Згора на тоа, големите издавачки куќи сега се „изедени“ од мали домашни студија и агенции, кои ги промовираат овие артисти и тоа прилично успешно. Понекогаш, пост-продукцијата, па и снимањето, музичарите го прават и сами на компјутери, или со пријатели.
Колку чини да се направи еден добар спот за Јутјуб, имајќи ги предвид конкуренцијата и стандардите кои ги поставува оваа платформа?
– Спотовите и нивната вредност зависат од тоа што има во сценариото, какви кадри и реквизити се потребни. До сега, сите мои спотови се режирани од мене, всушност јас би требало да знам каква видео приказна најмногу ќе соодветствува на мојот текст во песната. Соработката со Ненад Смиљковиќ, којшто ги снима, а и ги едитира моите спотови, е доказ дека може да изгледа еден проект како на него да работел цел тим, а всушност креативноста и професионалноста на двајца е доволна – вели пејачката.
Артистите од Балканот не ги чекаат политичарите – тие веќе се вмрежија
Јутјуб и Спотифај се поврзани платформи. Гледаноста од едното се прелева во другото, а тоа влијае на парите кои може да се заработат. Повеќето јутјубери се одлучуваат за англиски јазик, за да можат да направат пари и да живеат од тоа. Но, за Срна, јазичната бариера не е проблем. Според неа, македонскиот јазик функционира одлично во регионот и артитистите од Балканот веќе се вмрежени, комуницираат, се договараат. Јутјуб ја има магичната моќ да ја изедначи гледаноста на еден артист дома и во странство, што е за поздравување.
– Во момен тов снимам спот којшто ќе биде објавен на српски канал, со кој веќе имав соработка за претходната песна „Pit Stop“. Нашиот стил и звук се издвојува од останатите и би рекла дека оваа музика е слушана на Балканот без разлика на јазикот на којшто се изведува. Популарноста на нашите артисти надвор од нашите граници е приближно иста како и популарноста дома. Се надевам дека како најталентирана нација за музика ќе дојде период кога ние ќе бидеме лидери во аудио и во видео светот, а и артистите ќе бидат повеќе експонирани во нашите медиуми – вели Срна.