НАШЕТО ОПШТЕСТВО Е СИЛНО ПРОЕВРОПСКО Македонија очекува кредибилен процес на проширување кон ЕУ

Нашето општество е силно проевропско, Владата е фокусирана на европските реформи и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но очекуваме процесот на проширување да биде јасен, кредибилен и предвидлив, посочи министерот за надворешни работи на меѓународна конференција во Будимпешта.

3

Во услови на засилени безбедносни и геополитички предизвици владите мора брзо да се приспособуваат и да дејствуваат заеднички, бидејќи соработката е единствената реална опција, истакнал министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во дискусијата на форумот посветен на „Централна Европа и Западниот Балкан во новата геополитичка ера“ на меѓународната конференција Budapest Balkans Forum 2026, која се одржува во Будимпешта во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања.

– Потсетив дека државата го доби кандидатскиот статус за членство во ЕУ заедно со Хрватска и дека во изминатите години направивме сериозни национални отстапки. Нашето општество е силно проевропско, Владата е фокусирана на европските реформи и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но очекуваме процесот на проширување да биде јасен, кредибилен и предвидлив – посочил Муцунски.






Министерот ја нагласил стратешката важност на Коридорите 8 и 10, како од безбедносна така и од трговска перспектива, како и значењето на односите со Унгарија, со која имаме Договор за стратешко партнерство.

– Унгарија ја гледаме како важен пријател и поддржувач на нашиот европски пат. Наша задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија, но истата таква предвидливост и кредибилност ја очекуваме и од земјите членки – посочил Муцунски.

Министерот Муцунски се обрати на воведната дебата на високо ниво на тема „Централна Европа и Западниот Балкан во новата геополитичка ера“, заедно со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, и заменик-претседателот на Владата за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Поврзани содржини