„Нашата земја“ на Олимпијадата
(Не)користењето на придавката македонски веројатно не претставува начин со кој свесно се гради консеквентен пристап во јавната комуникација, но во градењето на свеста околу нормалната, секојдневна употреба на таа идентитеска придавка пример треба да даваат пред сè политичките лидери и носители на власта, вклучувајќи ги, се разбира, и претставниците на малцинствата.
„На отворањето на Олимписките игри македонските спортисти за првпат не мораа да зачекорат на стадионот под името ‘Бивша Југословенска Република Македонија (ФИРОМ)’. ‘Северна Македонија’ би можело да се смета за дискутабилен компромис, но тоа е во секој случај вистинско име за една земја, а не референца на нешто што престанало да постои во почетокот на 1990-тите години на минатиот век.“
Ова беше еден од поинтересните коментари во контекстот на ефектите што олимписките медали ги имаат како силна симболична вредност за големите сили, а за што, на пример, јасно зборува развојот на Кина како спортска нација во последните три децении. Но ОИ исто така станаа место и „важна пригода за малите нации да се покажат дека воопшто постојат“.
Сè уште се веројатно свежи сеќавањата дека до само пред неколку години насекаде, вклучувајќи ги и големите меѓународни спортски натпревари, до името Република Македонија се прикачуваше и се „лепеше“ кратенката ФИРОМ, која кај Македонците предизвикуваше фрустрации и негодувања поради понижувачкото именување на нивната земја во пошироката светска јавност.
Укажувањата на нешто што било претходно се и понатаму присутни, како во случајот на интернет пребарувачите на најважните скандинавски медиуми, каде што со впишување на Северна Македонија пребарувачот во заграда автоматски „исфрла“ дополнителен терминот и реферира на „поранешна Македонија“, а што во пребарувачот се покажува вака: „Nordmakedonien (f d Makedonien)”, со цел да не се внесува извесна конфузија и да му се олесни на читателот да сфати за која земја всушност станува збор.
Но тоа едновремено јасно зборува и за реалноста во која профункционира новото име на државата. Северна Македонија речиси молскавично се етаблира во Европа и пошироко во светски рамки. За разлика од претходното привремено име – акронимот ПЈРМ или ФИРОМ – кое исто така молскавично исчезна од меѓународна употреба како баласт што предизвикуваше иритираност, – Северна Македонија мошне брзо го најде своето место во меѓународната комуникација. Без оглед што таквото „договорено име“ како компромис предизвика нови фрустрации и воопшто не им по волја на голем број Македонци, чиј идентитет на разни страни во светот почна дури погрешно да се нарекува „северномакедонски“. Но факт е дека на најголемиот глобален спортски настан со хуманитарен карактер, на Летните олимписки игри во Токио, името на државата за првпат се појавува пред очите на светската јавност без некакви додавки, кратенки и референци.
Би било тешко напоредно на тоа да се утврди како на ОИ многубројните коментатори на националните телевизии и други медиуми ги нарекуваат натпреварувачите од Северна Македонија, но нема посебна причина да се биде скептичен дека не е мал бројот на оние што, спред споменатиот пример од шведските медиуми, известуваат за учество на „македонски спортисти“. А тоа е сепак нешто, што макар и делумно, – и покрај фактот дека новото име на државата и понатаму претставува сериозен повод за остра меѓупартиска конфронтација во Македонија, – внесува и позитивни чувства во целата рашомонијада што ја карактеризира искривената дебата меѓу македонските граѓани по потпишувањето на Преспанскиот договор.
Би можело да се смета дека премиерот Заев е во право кога вели дека „спортистите се нашата гордост и на најдобар начин ја претставуваат нашата земја во светот“. Проблемот е што во пошироката македонска јавност зачестената употребата на одредницата „нашата земја“ во вокабуларот на претставниците на државниот врв, или употребата на изразот „нашите спортисти“ во таков контекст, создава впечаток, сеедно дали е погрешен или не, и се доживува, ако не со извесна доза на еуфемизам, во секој случај како преносно значење со кое се избегнува именување на нешто што не е посакувано, и што можеби предизвикува амбивалентни чувства.
(Не)користењето на придавката македонски веројатно не претставува начин со кој свесно се гради консеквентен пристап во јавната комуникација, но во градењето на свеста околу нормалната, секојдневна употреба на таа идентитеска придавка пример треба да даваат пред сè политичките лидери и носители на власта, вклучувајќи ги, се разбира, и претставниците на малцинствата. Се чини нема да биде воопшто претерано ако се рече дека големите и исклучителни достигнувања од „нашата земја“ во светот можат да бидат препознатливи само како македонски.
Во скандинавските земји домашните телевизиски коментатори и репортери немаат такви дилеми, бидејќи тие воопшто не се ни поставуваат во јавноста. Во долгите телевизиски спортски преноси еден коментатор Швеѓанец, или Данец, ретко кажува „нашата земја“, туку речиси целосно го покрива спортскиот настан нагласувајќи дека „Шведска се бори за пласман во финале“, а играчите од својата земја постојано ги нарекуваат со националното име: „Швеѓаните имаат добри шанси“, или „Данците сега играат поофанзивно“. Тоа е така, без оглед што некој би можел да помисли дека е претерано тоа што спортски коментатор своите сонародници не ги нарекува како „наши играчи, или „нашата репрезентација“.
Нациите се потпираат врз она што историчарите и политиколозите го нарекуваат „колективна меморија“. Токму спортот е еден мошне значаен дел од заедничкото сеќавање. Успешни спортисти секогаш биле нешто повеќе од претставнци на своите земји, туку имале и значајно влијание на цели генерации, без разлика дали единката ги гледа пред малиот екран или само како една точка во големата маса на стадионот.
Големите спортски успеси неизоставно стануваат дел од националниот наратив. Затоа и исклучителниот подвиг на освојување на сребрен олимписки медал, без оглед дали нацијата ќе биде наречена како мала, станува историски и барем за миг буди победнички чувства во целата „наша земја“. Но не може да биде ништо друго освен голем спортски успех на Северна Македонија, или, ако повеќе се сака, на С.Македонија, но пред сè историски подвиг на македонските спорт и на македонските спортисти.