НАШАТА ВИЗИЈА Е МАКЕДОНИЈА ДА СТАНЕ ЗЕЛЕНА, ДИГИТАЛНА И ИНОВАТИВНА ЕКОНОМИЈА Дурмиши вели тоа се гради само со партнерство на владата и бизнисот
Министерот за економија вели дека Владата веќе спроведува реформи за унапредување на деловното опкружување, за привлекување инвестиции и за создавање услови младите да ја градат својата иднина дома, а Министерството за економија, работи на создавање нови, добро платени работни места.
Владата и стопанството се партнери во градење на модерна и одржлива економија, истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во денешното обраќање на бизнис конференцијата „Бизнис Лидер“, која ги обединува најуспешните претприемачи, визионери и компании што ја движат македонската економија напред.
-Нашата визија е јасна – Македонија да стане зелена, дигитална и иновативна економија, со силно претприемништво и со култура на иновации во секоја компанија. Само преку партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор можеме да обезбедиме стабилен раст, нови работни места и подобар животен стандард за сите граѓани – посочил Дурмиши.
Според него, Владата веќе спроведува реформи за унапредување на деловното опкружување, за привлекување инвестиции и за создавање услови младите да ја градат својата иднина дома, а Министерството за економија, работи на создавање нови, добро платени работни места.
-Поддршката за стартап компании, вложувањето во истражување и развој и дигитализацијата на јавните услуги се конкретни чекори за создавање модерно и конкурентно деловно опкружување. Истовремено, зелената трансформација – од енергетска транзиција кон обновливи извори до воведување еколошки практики – е наш приоритет, затоа што претставува и обврска кон идните генерации и нова можност за раст и конкурентност – вели Дурмиши.
Тој се осврна и на новите законски решенија и стратегии, како што се Законот за финансиска поддршка на инвестиции, новите закони за технолошко-индустриски и зелени индустриски зони, како и Стратегијата за мали и средни претпријатија 2025–2030 и Акцискиот план 2025–2027. Преку нив, државата вложува 4,23 милијарди денари финансиска поддршка, од кои 1,77 милијарди се обезбедени од државниот буџет.
Посебен акцент ставил и на Оперативниот план за вработување за 2025 година, со буџет од 2,5 милијарди денари, кој ќе опфати над 16.000 граѓани.
Министерот најави и нов закон за работни односи кој ќе стапи на сила на 1 јануари 2026 година, со цел намалување на неформалниот труд и зголемување на вработеноста, особено кај сезонските работници.
-Економијата мора да биде човечка и инклузивна. Секое ново работно место, секој стартап и секоја инвестиција во знаење и технологија е инвестиција во иднината на нашата земја. Со секоја нова мерка за поддршка на фирмите и со секој циклус за обука на младите, ја потврдуваме визијата дека Македонија е место каде што секој потенцијал може да се реализира – рече Дурмиши.
Дурмиши исто така рече дека економските политики и стратегии што Владата ги спроведува се резултат на тимска работа и партнерство со стопанските комори, универзитетите, меѓународните партнери и граѓаните.
– Секој успех на еден бизнис лидер е успех на целата држава. Заедно градиме економија на иднината – модерна, одржлива и инклузивна, за доброто на сегашните и идните генерации- рече Дурмиши.