НАША ОБВРСКА Е ЕКОНОМИЈА СО РЕД И ПАЗАР СО ПРАВИЛА Мицкоски најави бескомпромисна борба со сивата економија
Премиерот смета дека борбата со сивата економија не може да биде само инспекциска, туку таа треба да биде системска системска.
Нашата политика е јасна – стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард. Ќе продолжиме со дисциплина во приходите, со одговорност во трошењето и со чувствителност кон реалните потреби на граѓаните – рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.
Борбата против сивата економија, рече тој, не е кампања, тоа е процес, контролата на цената не е популизам, тоа е заштита на граѓаните.
– Ќе бидеме и цврсти и праведни. И кон оние што избегнуваат обврски и кон оние што се обидуваат да профитираат од кризите затоа што нашата обврска е јасна – економија со ред, пазар со правила, држава со достоинство – рече Мицкоски.
Тој додаде дека сивата економија е изгубен приход за државата, изгубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии.
– Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој што работи чесно. Нашата цел е јасна – формалната економија да стане попривлечна од неформалната, да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално – рече Мицкоски.
Тој смета дека борбата со сивата економија не може да биде само инспекциска, туку системска.
-Затоа работиме на дигитализација на процесите (е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци), намалување на административните бариери за регистрација на бизнис, стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија и зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите – рече Мицкоски.