НАРОДОТ СЕГА, ПОРАЧА ЛЕВИЦА Да се земе судбината во свои раце, велат од партијата на завршниот собир

Со завршната средба во Скопје, Левица ја заокружи својата кампања со јасна порака дека вистинските промени започнуваат од народот и затоа „време е народот да ја земе судбината во свои раце".

560

На завршниот собир на Левица, одржан вечерва во Скопје, кандидатоте за градоначалници и советници, заедно со претседателот на Левица, Димитар Апасиев, членови на Президиумот, активисти и симпатизери, испратија порака дека борбата против криминалот, корупцијата и неправдата продолжува уште пожестоко и со уште поголема енергија.

– Под твое водство, ова левичарско движење прерасна во партија која се заканува да го урне постоечкиот поредок на криминал и корупција и на неговите темели да изгради нов праведен – порача потпретседателот на Левица, Реџеп Исмаил.






Тој нагласи дека секоја кампања ја зајакнува Левица кадровски и идејно, со нови млади кадри и интелектуалци кои активно се вклучуваат во политичкото дејствување.

– После изборите, дел од вас ќе станат функционери и ќе треба да покажат дека не се сите исти. Делото мора да ја надмине реториката, зборот без влог е празна форма”, истакна Исмаил.

Кандидатите на Левица испратија пораки за промена и враќање на политиката во служба на народот.

– Сите се разочарани од случувањата во Скопје, без јавен превоз, затрупано во ѓубре и со токсичен воздух. Време е народот да ја земе судбината во свои раце и да стави крај на ненародното управување со градот – рече носителката на листа за советници на Град Скопје, Катерина Јовановска.

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба, Златко Тренчевски нагласи дека и покрај медиумската блокада, Левица допре до граѓаните. „Тие трошат милиони на ПР и купување гласови, а ние со малку пари и многу креативност ја раскажавме нашата приказна”, истакна тој.

– Се бориме против систем што 30 години ги пљачкосува општините. Ќе ставиме крај на партиските зделки, ќе воведеме транспарентност и ќе ги вратиме парите на граѓаните таму каде што припаѓаат, во локалните заедници – порача Антонио Димитров, кандидат за градоначалник на Карпош. Тој посочи и дека граѓаните се уморни од манипулации и поделби и дека Карпош заслужува чесна и одговорна власт.

Александар Димитриевиќ, кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров, порача дека е време граѓаните да ја преземат контролата од „политичките божества” што мислат дека мандатот им е даден од Бога.

– Поради нас станавте милионери и поради нас имате имоти во странство, време е мандатот да ви го земеме. Ѓорче заслужува градоначалник што ќе работи за народот – рече тој.

– Нашата визија е Центар по мерка на човекот, со ред, зеленило и правда – истакна Марија Среброва, кандидат за градоначалник на Центар и додаде дека ќе направат ревизија на сите ДУП-ови, нов зелен пазар, пешачки патеки и обновен дух на Дебар Маало.

Марјан Димитриев, кандидатот за Аеродром, пак, порача дека граѓаните се охрабриле и бараат вистинска промена.

– Аеродром никогаш не бил понечист, службите не функционираат, а буџетот се испумпува преку приватни фирми – рече тој.

– Мислам дека политичарите конечно треба да влеат надеж и дека промената може да се случи. Мојата последна порака до граѓаните е молба да излезете да гласате, доколку вие не излезете, ќе излезе некој друг кој ќе ви ја скрои судбината за тоа како ќе живеете во следните четири години – ги повика граѓаните на гласање Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Град Скопје, и порача да ја поддржат платформата која сметаат дека најдобро ќе ги претставува нивните интереси.

Со завршната средба во Скопје, Левица ја заокружи својата кампања со јасна порака дека вистинските промени започнуваат од народот и затоа „време е народот да ја земе судбината во свои раце”.

Поврзани содржини