„Оној кој лаже мора да биде поразен од народот“, извикува вехементно Игор Дурловски, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите пораки што се испраќаат во јавноста во изборната кампања веројатно имаат за цел да покажат дека е можен потфатот точно и прецизно да се утврди што е лагата која ја уништува „вербата во Македонија“, која треба да биде демаскирана, разобличена и – победена. И тоа преку партиска диоптрија. Работата во свои раце, се разбира, треба да ја земе народот, кој секогаш во популистичките генерализации се подведува под хомоген поим.
Дурловски во таа смисла ни за влакно не се оддалечува од челениците на партијата под чија закрила влезе во изборниот натпревар, како, на пример, почесниот претседател Груевски, кој постојано се повикуваше на народот како носител на „товарот на вистината“, како врховен судија „кој ќе го каже звојот збор“.
Движејќи се по линијата на таква предизборна реторика, уште еден вмровски кандидат за пратеник, Гордана Силјановска, мошне лесно, како од ракав извлекува некакви факти, познати веројатно само на неа и на нејзините истомисленици, според кои и меѓу македонските иселеници се случува хомогенизација на народот, – „во дијаспората каде што луѓето сè почесто велат сите сме ВМРО“, тврди Силјановска, – секако според вмровската исклучивост во застапувањето на вистината.
Воопшто не е невообичаено политичарите да се повикуваат на народот во периодот на изборите. Но во многу земји, посебно во западниот свет, во реалноста многумина всушност сè поретко зборуваат од името на народот под партиските знамиња во предизборната кампања. Да се повикате на таква суштинска и елементарна општествена категорија, и на традиоционален начин да кажете „народот ќе ги земе работите во свои раце“, веројатно многумина ги исполнува со вжештени емоции, а во услови на поткревање на изборната температура во која се нудат лесни одговори на сложени прашања и проблеми со кои се соочуваат луѓето во секојдневието.
Но политичарите кои се повикуваат на народот, неговата свест и мудрост да пресуди, напоредно на тоа всушност си ја тераат сопствената партиска агенда, слушајќи ги пред сè растрчаните лобисти, консултанти и советници. Народот, посебно оној дел која не ја сфаќа „вистината“, во крајна линија се редуцира на метафизички феномен, празен и шуплив, недостапен и затоа – сомнителен, во Македонија најчесто означен како „комуњари“. Иако и тие се дел од народот, и учествуваат со своите гласови во изборите. Но кога семантиката на вмровскиот жаргон грубо се повлекува врз острицата на сечилото, секогаш како резултат се добива народ кој „ќе го каже своето“, ќе го отрфли лажниот патриотизам и ќе ја заштити вистината. Вистината, – ни помалку ни повеќе, – за Македонија.
Но за оној што сака да погледне малку и преку својот паланечки плот, некои други искуства и традиции можат да понудат и поинакви перспективи во толкувањето и сфаќањето на изборните процеси. Американската конституционална историја, на пример, од самите почетоци па до денес, нуди можности за такви согледувања. Без оглед дали станува збор за дебата која може да биде и сфатлива, а во контекстот на долгиот судир на мислења меѓу т.н. оригиналисти, за кои американскиот устав на непроменлива големина, речиси спуштено од небото, и оние, кои, наместо тоа, гледаат на уставот како на жив документ, за кој граѓаните имаат можности да го изменат и преработат. Но тежината на прашањето повторно се врзува за поимот народ. На што всушност сметаме кога се повикуваме на народ? Кога со сигурност би можеле да речеме дека народот го кажал своето мислење? И дека не гласал „погрешно“?
И во САД, како и во Европа, најчесто политичарите го имаат зборот, иницијативата. Сепак, постои и дистинкција меѓу она што се нарекува „We the Politicians“ (Ние политичарите), и „We the People“ (Ние народот), во периоди кога се случува „повисока политика“, која во однос на некои важни прашања го конзумира целиот општествен живот. Постојат периоди во американската историја кога „Ние народот“ го имаат кажано својот збор. Тие периоди завршуваат со пишување на нови уставни закони кои потоа ја регулираат нормалната политика во наредните децении.
Токму поради настојувањата да се избегнат погрешни толкувања и заложби што внесуваат недоразбирања во политиката и управувањето со општеството, во САД функционираат цела низа центри на моќ кои меѓусебно се надгледуваат и контролираат. Но, како што често се укажува, за волја на вистината, тоа често е проследено и со сериозни тешкотии да се постигне согласност, дури и за едноставни прашања. Најважно од сè е „Ние политичарите“, со неконтролирани полемики и вербални напаѓања, каков што е случајот сега, откако Доналд Трамп стана претседател, да не можат зад грбот на граѓаните и избирачите со политичко сплеткарење и манипулации да предизвикаат штети од траен карактер.
Во голем број европски земји власта и моќта во најдобар случај се концентрираат во неколку институции, при што и границите меѓу контролните механизми стануваат недоволно јасни. А во такви услови многумина се обидуваат да го освојат теренот настојувајќи да ги избришат разликите, односно да го изедначат значењето и вредностите на категориите народ и политичари. Оттаму и засилувањето на хибридното однесување на политичарите, кои си вообразуваат дека токму тие се вистински претставници на народот, и дека зборуваат од името на народот.
Дурловски како пратенички кандидат го прави тоа и со гордо подигање на знамето со „избришаната“ ѕвезда од Кутлеш. Само прашање е дали јарболот со „најстариот оган на кој се грееме“ е поставен во воздух на кула од карти, или пак навистина цврсто стои на мостот во чие средиште се соединил народот кој ги надминал сите вештачки поделби, интриги, манипулации и лажни ветувања, и сега стои „исправен“ и подготвен да проговори – со еден единствен глас. И со помош, се разбира, на мелодрамскиот призвук во интонацијата на Дурловски.