НАРОДОТ НЀ КАЗНИ, ГО ПРИФАЌАМЕ ТОА Ковачевски ќе се бори до крај, рамо до рамо со Пендаровски

На новинарско прашање дали размислува за оставка откако сам кажал „народот нè казни“ Ковачевски вели дека ова само прв круг, дека рамо до рамо ќе се бори со Пендаровски во вториот круг бидејќи, според него, нема поголема битка од онаа за европскиот пат на Македонија.

2,734

„Јасно е дека луѓето нѐ казнија и ние тоа го прифаќаме. Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија. Но, откажувањето не е опција за нас. Имаме уште две недели до вториот круг на изборите да ја испратиме пораката до секое село, куќа и граѓанин дека единствениот начин за вистинска промена е европската интеграција на земјата“.

Вака се обрати лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски во врска со изборните резултати од првиот круг на претседателските избори. Обраќајќи се веднаш по претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, Ковачевски рече дека знае дека многу поддржувачи на СДСМ се разочарани, но „нема да ги наведнеме главите“.






На новинарско прашање дали размислува за оставка откако сам кажал „народот нè казни“ Ковачевски вели:

– Ова е само прв круг, а очекуваме многу подобар резултат во вториот круг бидејќи повеќето партии се со лева ориентација. Но, јас никогаш не бегам од одговорност. Сепак, што се случува по секои избори во партијата одлучуваат органите на партијата – додавајќи дека во партијата за тоа ќе одлучуваат централниот и извршниот одбор на конгрес.

Ковачевски беше прашан и дали чувствува лична одговорност за лошиот резултат во првиот круг.

– Не може никој да има поголема одговорност од претседател на партија и на влада или на организацијата која се натпреварува. Знаете дека ја имавме честа да ја предводиме владата во изминатите 7 години. Во тие 7 години јас имав чест 2 години да ја предводам владата. Во тие години направивме грешки, ако некој беше одговорен, тогаш единствено јас можам да бидам одговорен.

Ковачевски упати порака до кандидатот Пендаровски дека заедно ќе се борат рамо до рамо во вториот круг и дека нема поважна битка од битката за европскиот пат на Македонија.

– Знаеме дека луѓето се уморни од европскиот пат, но нема друга опција освен земјата да биде дел од ЕУ и не постои друг пат освен патот на европските интеграции. Време е да ги ставиме разликите и несогласувањата и да се обединиме за Европска Македонија. Сакам и да упатам порака до Стево Пендаровски. Ќе се бориме заедно рамо до рамо затоа што ова е најбитната битка. Се гледаме за две недели. Да живее Европска Македонија – порача лидерот на СДСМ.

 

Поврзани содржини