Народната банка и КХВ ќе разменуваат повеќе податоци за одржување на финансиската стабилност
Предвидена е и размена на податоци меѓу двете институции во процесот на лиценцирање, како и заеднички контроли кај субјектите коишто се предмет на супервизија на Народната банка, односно на КХВ.
Народната банка и Комисијата за хартии од вредност во иднина ќе разменуваат повеќе информации за да се одржи финансиската стабилност. Ова го предвидува Меморандумот склучен меѓу двата финансиски регулатора, кој го потпишаа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити.
– Предвидено е КХВ да доставува поголем сет податоци до Народната банка, коишто ќе се користат во анализите и согледувањата за финансиската стабилност, а предвидено е и кои податоци ќе ги споделува Народната банка со КХВ, во контекст на остварувањето на законските цели и задачи. Со ова значително се надминува претходниот опфат на податоци коишто ги разменуваа двете институции, со што податоците уште повеќе ќе придонесат за градење соодветни политики и носење соодветни одлуки, не само заради одржување на стабилноста, туку и за постојана модернизација на финансискиот сектор – велат од Народната банка.
Покрај тоа, додаваат оттаму, предвидена е размена на податоци меѓу двете институции во процесот на лиценцирање, како и заеднички контроли кај субјектите коишто се предмет на супервизија на Народната банка, односно на КХВ.
– Со одредбите на меморандумот во овој сегмент прецизно се операционализираат ваквите заеднички активности, од коишто резултатите би биле видливи како на среден, така и на долг рок, бидејќи и дополнително би придонесле за успешноста со којашто се остварува мандатот на двете институции – велат од НБ..
И со овој меморандум се задржува соработката за размена на податоци за статистички цели, имајќи ја предвид и важноста на статистиката во процесите на носењето одлуки, вклучително и од страна на реалниот сектор и инвеститорите.
Во завршницата на средбата, гувернерката, Ангеловска-Бежоска и претседателката, Алити, придружени од претставници на тимовите на двете институции, искажаа решеност за започнување со практичната примена на можностите што ги нуди новиот меморандум за соработка, и тоа веднаш, заради натамошниот развој на економијата чиј стожер е финансискиот систем.
Во изминатиот период се потврди дека унапредената соработка меѓу регулаторите и новиот формат на Комитетот за финансиска стабилност, во којшто се вклучени сите финансиски регулатори, придонесува за заедничката цел – финансиската стабилност.