НАРОДНА БАНКА ВОВЕДЕ НОВ МОДЕЛ ЗА ТАРИФИРАЊЕ НА БАНКИТЕ На потег се банките да ги намалат надоместоците за граѓаните и компаниите
Моделот се заснова на принципите и практиките на централните банки во евросистемот за фиксни и предвидливи надоместоци според обемот на трансакциите, со што се создава простор за поедноставување и намалување на надоместоците што банките ги наплаќаат од клиентите за извршување на електронските плаќања преку платните системи во земјата
Во рамките на активностите за модернизација на платниот систем и за поттикнување на електронските плаќања, Советот на Народната банка на вчерашната седница донесе одлука за целосно нов модел за тарифирање на банките за извршување и порамнување на плаќањата во Македонскиот интербанкарски платен систем, соопштија од централната банка.
Моделот се заснова на принципите и практиките на централните банки во евросистемот за фиксни и предвидливи надоместоци според обемот на трансакциите.
„Со ова се создава простор за поедноставување и намалување на надоместоците што банките ги наплаќаат од клиентите за извршување на електронските плаќања преку платните системи во земјата“, се наведува во соопштението.
Советот на Народната банка воведе тарифа за плаќањата на државните органи во евра со земјите од Единствената област за плаќањa во евра – СЕПА во фиксен износ од 3 евра по трансакција за електронски иницираните налози и 5 евра за налозите иницирани на хартија.
„Ниските и фиксни надоместоци по трансакција, во споредба со варијабилните надоместоци во зависност од износот на трансакцијата коишто ги налагаат сложените кореспондентски аранжмани со странските банки, ќе доведат до значителна заштеда за државата при извршувањето на плаќањата на државните органи со европските земји“, појаснуваат од банката.
Одлуката се носи во контекст на приклучувањето на нашата земја кон СЕПА и фазата на усогласување со европските стандарди којашто е во тек, а со која се создава основа за пошироко намалување на трошоците за прекуграничните плаќања во евра, како од страна на Народната банка за државните органи, така и од страна на банките за своите клиенти.
Советот на Народната банка ја усвои и Одлуката за воведување нов систем за прибирање и доставување податоци од банките и штедилниците.
„Новиот систем ИСИДОРА ќе овозможи пообемни и поквалитетни податоци за монетарната статистика, супервизијата и финансиската стабилност, усогласени со европските и меѓународните стандарди. Со фазна примена, системот ќе ја замени досегашната практика и ќе придонесе за поефикасно, пофлексибилно и поедноставно известување“, се наведува во соопштението.
Советот на Народната банка го усвои и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2025 година.
„Во услови на стабилен раст на економската активност, благо забрзана инфлација и зголемена неизвесност од надворешното окружување, банкарскиот сектор ja задржа стабилноста. Кредитната и депозитната активност бележат солиден годишен раст, а показателите за солвентноста, ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио и натаму се поволни. Растот на добивката на банкарскиот систем забавува во однос на истиот период лани, главно поради намалените каматни приходи. Народната банка и натаму ќе биде претпазлива во политиките, имајќи ги предвид светските ризици и ќе биде посветена на одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем“, се вели во соопштението на Народната банка.