Народна банка: Ризиците од пандемијата постојат, индустријата го намалува падот
НБ оценува и дека е забавен падот и кај прометот во вкупната трговија, додека градежништвото бележи забрзување на растот.
Неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија. Засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. Одлучено е каматната стапка да се задржи на ниво од 1,5 отсто.
Комитетот оцени дека во четвртиот квартал од 2020 година индустријата бележи натамошно забавување на годишниот пад, при што во декември беше забележан и годишен раст, за првпат од појавата на пандемијата. Забавува падот и кај прометот во вкупната трговија, додека градежништвото бележи забрзување на растот.
Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2020 година изнесува 1,2%, што е во согласност со проектираната стапка согласно со последната проекција на Народната банка.
Оценка на НБ е дека девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, со динамика на промена во 2020 година којашто е подобра од очекуваната согласно со последните проекции. Имено, наместо пад, девизните резерви остварија раст.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци заклучно со јануари 2021 година покажуваат нивен натамошен годишен раст, во рамките на очекувањата согласно со проекцијата.
Комитетот оцени и дека ликвидноста на банкарскиот систем во денари се задржа на релативно солидно ниво, за што потврда е и отсуството на потребата кај банките за тргување на пазарите на пари.
„Движењата на домашните финансиски пазари упатуваат и на сезонско намалување на нето-понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и на девизниот пазар, вообичаено за периодот по новогодишните и божиќните празници и истовремено засилување на нето-потребата за девизи од корпоративниот сектор. Девизната ликвидност на банките се задржа на солидно ниво, а Народната банка учествуваше со повремени интервенции за продажба на девизи“ стои во оценката.
Според комитетот, очекувањата на инвеститорите за побрзо глобално економско заздравување коишто беа присутни на почетокот на јануари, делумно ослабнаа до крајот на месецот поради привремено намалениот оптимизам за брзо спроведување на новиот фискален пакет мерки во САД, влошените согледувања за економското закрепнување на еврозоната и бавното одвивање на процесот на вакцинирање во светски рамки.
„ Ваквите согледувања на меѓународните финансиски пазари придонесоа за умерен раст на вредноста на САД-доларот во однос на еврото, но и за задржување на цените на државните обврзници во еврозоната и САД на релативно високи нивоа“ се наведува во соопштението од седницата на комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.