НАРОДНА БАНКА РАБОТИ ПО ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ Европската комисија потврди дека регулативата и супервизијата се усогласени

Добивањето позитивната оцена за усогласеноста на банкарската регулатива и супервизија со таа во ЕУ е потврда на постојаните активности на Народната банка за усогласување со европските стандарди

104

Европската комисија оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со високите стандарди на Европската Унија и за тоа донесе соодветна одлука. Со ова нашата земја се вклучува на листата од само 26 земји во светот, меѓу кои САД, Канада, Јапонија и Нов Зеланд, коишто ги исполнуваат овие високи стандарди, Соопшти Народната банка.

– Добивањето позитивната оцена за усогласеноста на банкарската регулатива и супервизија со таа во ЕУ е потврда на постојаните активности на Народната банка за усогласување со европските стандарди – велат од Народна банка.






Оттаму информираат дека за одлука на европската комисија денеска разговарале гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.

Од НБ појаснуваат дека  оценувањето е спроведено од страна на Европскиот банкарски орган, при што во период од повеќе од една година беа проучувани домашната банкарска регулатива и супервизија од страна на европските експерти.

– Со оцената се утврдува дека домашната регулатива и супервизија овозможува одржување на стабилноста и интегритетот на финансискиот систем, ефикасна и соодветна заштитата на корисниците на финансиски услуги, соработка помеѓу различните учесници на финансискиот пазар, независност и ефикасност на супервизијата и ефикасно спроведување на меѓународните стандарди. Потоа, оцената на Европскиот банкарски орган беше усвоена од страна на Европската комисија – велат од НБ.

Според НБ, добивањето еквивалентен третман е значајно од аспект на перцепциите на потенцијалните инвеститори и полесно и поефикасно поврзување на домашниот банкарски систем со меѓународните финансиски пазари.

– Позитивната оцена го олеснува пристапот на домашните институции до меѓународниот финансиски пазар, носи предности во водењето на монетарната политика на Народната банка и ја олеснува соработката со супервизорските органи во ЕУ – велат од НБ.

Поврзани содржини