НАРОДНА БАНКА ОДГОВОРИ НА ИНФЛАЦИЈАТА ОД 8,8 ОТСТО Основната каматната стапка ја зголеми на 1,5 отсто
Народната банка оцени дека притисоците врз девизниот пазар во земјава кој беше поттикнат од шпекулациите за курсот на денарот, е намален и главно се поврзани со повисоката побарувачка од енергетскиот сектор, додека понудата од менувачниците бележи солиден раст надминувајќи го нивото и од пред пандемијата.
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, одлучи да ја зголеми каматната стапка на благајничките записи (основна каматна стапка) за 0,25 процентни поени.
Основната каматна стапка која досега изнесуваше 1,25 отсто сега ќе биде 1,5 отсто.
Како што соопштија денеска од НБ, зголемувањето на основната каматна стапка е превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период.
„При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари“, се наведува во соопштението.
Најновите податоци на Народната банка, покажуваат дека инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 отсто.
„Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓа повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен инпут кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова заедно со подолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период“ се наведува во соопштението на централната банка.
Народната банка оцени дека притисоците врз девизниот пазар во земјава кој беше поттикнат од шпекулациите за курсот на денарот, е намален и главно се поврзани со повисоката побарувачка од енергетскиот сектор, додека понудата од менувачниците бележи солиден раст надминувајќи го нивото и од пред пандемијата.
Банката оценува дека девизните резерви се одржуваат во сигурната зона.
Комитетот, како што е соопштено, заклучи и дека неизвесноста и ризиците од ескалацијата на геополитичките тензии и од нивните ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените, но и врз трговските текови и побарувачката, при се уште неизвесен тек на пандемијата предизвикана од ковид-19, налагаат натамошно внимателно следење на состојбите.