НАРОДНА БАНКА ГИ ЗАОСТРУВА МЕРКИТЕ КОН БАНКИТЕ Од следната година банките ќе треба да го зголемат резервниот капитал за 1,75%
Стапката, пак, на противцикличниот заштитен слој на капиталот којашто ќе се применува во јули 2025 година се задржува на нивото од 1,5%, како и во претходниот квартал.
Од август 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките( резервен капитал во случај на ризик) ќе изнесува 1,75%, одлучи Народна банка по редовната квартална оцена на системските ризици и последните расположливи податоци.
Тоа е зголемување на оваа стапка за дополнителни 0,25 процентни поени. Стапката, пак, на противцикличниот заштитен слој на капиталот којашто ќе се применува во јули 2025 година се задржува на нивото од 1,5%, како и во претходниот квартал.
Според НБ, зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот до 1,75% има превентивен карактер и ќе придонесе кон натамошно јакнење на сопствените средства на банките, а со тоа и јакнење на нивната отпорност.
„Оваа одлука ќе придонесе за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, додека сѐ уште постојат ризици во домашната и светската економија. Одлуката се заснова врз оцената дека сѐ уште постојат неизвесности од окружувањето, во услови на сигурен и стабилен банкарски систем, со подобрена солвентност и соодветно ниво на ликвидност, како и ниско системско остварување на кредитниот ризик. Профитабилноста на банките, иако поумерено, и понатаму се зголемува и претставува основа за натамошно јакнење на нивната солвентност. Со оваа одлука дополнително се зајакнува и претпазливоста на монетарната политика“, се наведува во соопштението.
Од НБ додаваат и дека јакнењето на сопствените средства на банките е предуслов и за соодветна кредитна поддршка на граѓаните и на компаниите.
Заштитните слоеви на капиталот се инструменти на Народна банка, чијашто основна намена е зајакнување на солвентната позиција на банките и нивна поголема отпорност на непредвидени загуби во работењето. На тој начин се зајакнува и стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем, но и на целокупниот финансиски систем.
Противцикличниот заштитен слој на капиталот е наменет за заштита на банките од ризиците од промените во кредитниот циклус. Овој заштитен слој се воведува или се зголемува во периоди на значаен кредитен раст, а се намалува или се ослободува во периодите кога ќе се промени кредитниот циклус. Имено, во услови на висок кредитен раст, за банките се воведува обврската да го зголемуваат нивото на капитал со кое располагаат. Ваквата обврска, од една страна ја подобрува способноста на банките за покривање на кредитните загуби коишто можат да произлезат од високиот кредитен раст, а од друга страна, влијае и кон намалување на висината на тој раст, бидејќи ги зголемува трошоците на кредитирањето.