Народе македонски

Господо македонски владетели, со која ваша Изборна програма вие добивте мандат од народот за сами да решавате за вакви судбински прашања за македонскиот народ? Приземјете се и не слушајте ги приказните за големите водачи кои спротивно од волјата на граѓаните носеле историски, херојски, храбри и визионерски одлуки! Тие времиња и тие водачи се многу далеку од вас.

1,509

Врела јунска квечерина. До вечерните вести има уште некој саат. „Вртам“ по интернет, случајно или намерно, не знам, „налетувам“ на Гогољ и неговиот „Дневник на лудиот“. Сам си поставувам прашање без одговор, дали низ „цивилизираниот запад“ и него ќе го забранат, бидејќи пишува на руски и го „бројат“ за руски писател, ама има украинско потекло?

Читам за главниот лик Аксентиј Иванович Попришчин, но пред очи ми излегува покојниот Димитар Зози и неговата маестрална актерска креација на овој лик, а во ушите, како селска камбана, ми одѕвонуваат славните зборови на уште пославниот Достоевски: „Сите ние излеговме од под шинелот на Гогољ“.






Почнуваат вестите, оставам интернетот.

Прва вест „лудилото“ во Украина. Трагедија!

Втора, трета и четврта вест – иста тема: Францускиот предлог за преговарачката рамка на Македонија.

Во исто време, во ист ден: европските челници со полна уста и голем оптимизам зборуваат за веќе „завршената“ работа околу прифаќањето на фамозниот француски предлог, бугарскиот парламент гласа (не)доверба на владата поради истиот, а македонската власт нема никаков француски предлог и појма нема што пишува во него. Комедија или, поточно, трагикомедија!

И, во ваков галиматијас, што му преостанува на нормален човек, освен да го промени каналот на својот телевизор. Место национален, вртам локален. И, оп, како славеј ечи неповторливиот Симеон Гугуловски: „Народе македонски, со какви идеи си ти, доста беше разбуди се, свести се..!“

Песната за страшните поилинденски злосторства во Загоричани завршува, од штекер го згаснувам телевизорот.

Со грутка во грлото и со јад и чемер во душата, сам со себе разговарам, да не чуе никој: Зарем е можно, за вакви сериозни работи кога се решава македонската судбина дали ќе нѐ биде или не, дали ќе се самопоништиме и ќе станеме граѓани на „идна Западна Бугарија“ (Еди Рама“), нашата власт да го крие документот и да го лаже сопствениот народ кој ѝ доверил мандат да го води?

Господо македонски владетели, со која ваша Изборна програма вие добивте мандат од народот за сами да решавате за вакви судбински прашања за македонскиот народ? Приземјете се и не слушајте ги приказните за големите водачи кои спротивно од волјата на граѓаните носеле историски, херојски, храбри и визионерски одлуки! Тие времиња и тие водачи се многу далеку од вас.

Не сакајќи, мојот разговор сам со себе го прекина силниот војнички глас на мојот постар комшија од „офицерската“ зграда: Докле бре више луд ќе да ј… збуњеног!?

Понесен од него, на излегување и пред тргнување за Илинска Планина, не баш колку него силно, ама тука некаде, и јас подвикнав: До кога македонски народе?

Поврзани содржини