НАРОД ПАТИ ОД ЦРНИ КАМПАЊИ Партиите ризикуваат да им „дезертираат“ гласачите
Кај нас публиката е инфицирана од политичките движења, кампањи, понуди, спротивставувања, па таа преинтензивна кампања што ја водат опозицијата и власта многу повеќе го збунува гласачкото тело отколку што му помага рационално да ги согледа работите, објаснува комуникологот Живко Андревски.
Ако целта на секоја опозициска партија е преку црна кампања да се обиде да ја турне власта, тогаш која е целта на власта која возвраќа со иста таква црна кампања – да ја турне опозицијата од опозиција?
Вакво прашање полно со нелогичности поставуваат комуниколозите со коишто разговараше Плусинфо, откако двете најголеми спротивставени политички партии во земјава – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, деновиве почнаа да водат активна црна кампања една против друга.
Според експертите, опозицијата има право постојано да биде во кампања и секојдневно да ја критикува власта, додека, пак, истото не може и не смее да важи за партиите на власт кои имаат обврска да даваат отчет пред граѓаните за сите свои постапки.
Битката помеѓу партиите започна веднаш откако скопската градоначалничка Данела Арсовска и опозициската ВМРО-ДПМНЕ неодамна ја „расипаа калимерата“ и откако таа јавно се пофали оти го фатила ексдиректорот на ЈП „Водовод и канализација“ со рачето во медот. Ваквото нејзино обвинување беше повод за СДСМ веднаш да закупи билборди во главниот град и да нарача реклами на телевизија преку кои го критикува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Потоа следуваа низа герила акции кои ги спроведе ВМРО-ДПМНЕ преку кои го обвинуваше премиерот Димитар Ковачевски за дезертерство од војска, а на неколку локации во Скопје денеска осамнаа и плакати на кои пишува: „Народ пати, Таче кеш млати“.

Живко Андревски, комуниколог, универзитетски професор и доктор на науки, во разговор за Плусинфо објаснува дека многу потешко е да се прифати научна анализа за некој процес каде што преовладува висок речник и сериозни аргументи кои се потешки за сфаќање, па токму затоа, вели тој, партиите играат на картата дека народот многу полесно ги прифаќа пропагандите и црните препукувачки кампањи.
– Опозицијата има право постојано да води кампања, оти таа се бори да ја сруши власта. Но, власта не смее да води изборна кампања додека е на власт. Таа треба со своите потези и со резултатите што ги постигнува да се фали пред јавноста и на тој начин да си обезбеди гласачи на следните парламентарни избори. Единствената кампања на власта може да се води преку остварување ветувања, со решавање дневни проблеми и со проекции коишто ќе важат долгорочно. Кај нас публиката е инфицирана од политичките движења, кампањи, понуди, спротивставувања, па таа преинтензивна кампања што ја водат опозицијата и власта многу повеќе го збунува гласачкото тело отколку што му помага рационално да ги согледа работите. За жал, публиката во земјава почнува да се навикнува и да ја прифаќа постојаната црна кампања што ја водат политичките партии. А уште поинтересно е тоа што токму на овој начин се постигнува една чудна хармонија – и граѓаните и тие што треба да водат кампања и тие што не треба да водат кампања се наоѓаат во еден магичен круг на соработка. Тешко е да се прифати научна анализа за некој процес каде што преовладува висок речник и сериозни аргументи кои се потешки за сфаќање. Затоа, народот многу полесно ги прифаќа пропагандите и црните препукувачки кампањи. Гласачите во основа им веруваат на кампањите, бидејќи само две политички групации се менуваат од власт. Раководствата на политичките партии се доволно паметни за да знаат дека црните кампањи имаат влијание и дека обезбедуваат некаков ефект – објаснува професорот.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, смета дека партиите постојано водат црни кампањи затоа што нивните раководства не се доволно способни за да смислат нови начини како да допрат до потенцијалните гласачи.
– Наместо да се фокусираат на избавување од кризата, партиите во земјава се фокусираат на оцрнување на политичкиот противник. Единствено нешто што го одржува членството е креирање негативна кампања, а тоа доведува до зголемување на неизлезноста на изборите, оти луѓето се згрозуваат од таквите црни кампањи и воопшто не сакаат да гласаат. Ако Бугарија сега имаше само 30 отсто излезност на парламентарните избори, истото очекувам да ја снајде и Македонија. Таквите пропаганди влијаат иритирачки и ги нервираат граѓаните. Ги терате луѓето да прават нешто во коешто самите не веруваат. Што добивате од црната кампања? И партијата на власт и партијата во опозиција си имаат стандардно гласачко тело и тие луѓе ќе гласаат за својата партија без разлика на тоа дали кампањата е негативна или позитивна. Но, проблемот е со неопределените граѓани кои од ден на ден се разочаруваат сѐ повеќе и повеќе – вели Пекевски.
Политичките партии не знаат да направат ништо ново и тие се длабоко заглавени во минатото, посочува нашиот соговорник.
– Раководствата и кадрите во политичките партии се движат по инерција и тоа е главниот проблем. Не знаат да воведат некаква иницијативност, некој пандан или нова идеја, туку едноставно се движат по инерција – така било некогаш и така ќе тераме во иднина. Едноставно, немаат капацитет за да направат промени. Пак ќе кажам, наместо власта да се занимава со решавање на кризата, таа се фатила да го оцрнува лидерот на опозицијата. А ако веќе тврди дека фатиле некого со рачето во медот, тогаш каде е завршницата? Значи, власта ја нарачала кампањата, закупила билборди, а не презела ништо институционално против тој што го обвинува или оцрнува. Оти, ако си го фатил со рачето во медот, тогаш се знае како се решава тоа – објаснува Пекевски.
И на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ им поставивме неколку прашања: Дали воопшто го мерите ефектот од кампањите, а ако го мерите, тогаш колкав е тој ефект? Дали воопшто се исплати влогот? Која е целната група на таквите оцрнувачки герила-акции?
Од партијата на Димитар Ковачевски ни испратија краток, дипломатски и скоро неупотреблив одговор:
„Само ја покажавме вистината којашто граѓаните на Скопје многу добро ја знаат, а Христијан Мицкоски упорно избегнува да одговори која е неговата улога во тендерот вреден 136 милиони евра“, ни одговори портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, иако ни ветија, сепак до објавувањето на текстот не добивме никаков одговор.