Кога Овидие во неговите Метаморфози пишувал за митолошкиот Нарцис, иако пред многу векови, сепак го имал предвид и македонскиот филм – или, поточно, дел од македонските „филмаџии“! – зашто за таков гениј на пишаниот збор не било тешко да предвиди дека во секое општество (ќе) постојат ликови слични на неговиот Нарцис. И ќе шират нарцистички наративи за нивната убавина, способност, креативност…, а особено за нивните заслуги – или „заслуги“, но дебело наплатени! – за државата и нејзината култура.
И тој мит, односно нарцисоиден филм, (ќе) го шират со години, како и во последното соопштение на т.н. Друштво на филмски работници: како нивната убавина е ненадмината, како нивната креативност е неразбрана, како другите се неспособни и да ги нема нив македонската култура ќе пропадне, како нив и само нив ги чекаат да поминат по црвениот тепих во Кан, Венеција, Берлин…, како нивниот филм е нашиот живот, нашата сегашност и иднина… итн. Нарцис за овие бил – мало дете!
Тие луто ја одбиваат, како што и прилега на Нарцис(и), евентуалната улога на остатокот од културата (како можна персонификација на Овидиевата нимфа Ехо), гледајќи ја само својата слика/својот филм како единствено вредно во македонската култура. Но, како и секогаш претходно, нивниот „проблем“ односно приказна завршува со – парите. Вечниот проблем, и стремеж, на малите безидејни луѓе!
Во нивниот нарцисоиден филм тие секогаш се малку платени, секоја година сѐ помалку и помалку, па не можат да ги сработат нивните ремек-дела што така еуфорично се чекани на спомнатите фестивали. Во нивниот нарцисоиден сон сето тоа е нормално. Без оглед што другите го сметаат за абнормален, налудничав, себичен… Тие живеат само за себе и никој друг нема право да живее покрај нив! Но, така и умираат, слично на судбината на Нарцис, откривајќи дека другите баш и не се толку луди по нив, дека нивниот лик кај остатокот од културата, наместо љубов, предизвикува гадење, револт и негација.
Но тие продолжуваат со својот филм, се огледуваат себеси во езерцето на глупоста и си се воодушевуваат колку се убави, умни, богати… и како успеваат секогаш да ги прелажат другите за да го добијат тоа што сакаат. И секој кој се спротивставува на нивната нарцистичка логика и себично самољубие е против македонскиот филм, македонската култура, македонската држава… Зашто, мислат дека токму тие се нивните репрезенти. Колку нарцисоидно се лажат!
Но, се разбира, како и филмот, и приказните на филмаџиите се чиста фикција, натопена со тешка митологија дека тие се некаков „амбасадор на македонската култура во светот“. Реалноста сепак говори нешто сосема друго.
На пример, таа реалност говори дека македонскиот филм последниве децении, апсолутно незаслужено, е најподдржуваниот, најбогатиот, најплатениот дел во македонската култура. Таа реалност говори дека средствата одвојувани за филмот, апсолутно незаслужено, се многукратно поголеми од средствата во другите креативни сегменти во македонската култура. Говори и тоа дека филмските работници во Македонија, апсолутно незаслужено, се единствените на кои – со закон! – им се гарантирани (не мали) хонорари: режисерот до 7 % од средствата добиени од Агенцијата за филм; продуцентот исто до 7 %; сценаристот до 5 %… итн. Или, ако баш сакате, ако во 2023 година, филмот на една продуцентка-потписничка на памфлетот на ДФРМ добил 606.557 евра од Агенцијата за филм, можете да пресметате колкав е хонорарот?
Или, еден друг потписник на памфлетот, во 2022 година добил (како режисер и сценарист) 721.311 евра. Можете да пресметате колку пари ќе инкасира таа година само од тој еден филм? Ако пак тргнете назад низ годините, што воопшто не е тешка задача, знаете до какви износи ќе стасате?
Ниту еден друг уметник или културен работник не добива – или добива најминимални, омаловажувачки – средства на име хонорар за својата уметност (книга, изложба, авторски текст итн.). Соодносот на хонорарите на филмските работници, особено на продуцентите, режисерите, сценаристите… за еден филмски проект (особено во категоријата игран филм) е навредливо диспропорционален во полза на филмот.
Или, таа релност говори дека само филмската дејност, преку Агенцијата за филм, ужива право (определно со закон!) континуирано да добива надоместоци од правни субјекти во државата преку утврдена процентуална стапка, и тоа: од приходот на телевизиските програмски сервиси на национално ниво, од приходот на операторите на јавните електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси на радиодифузерите, од приходот на правните лица кои обезбедуваат пристап до интернет, од приходот на правни лица кои вршат дејност дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови… и др.
А сепак, токму филмските работници, или барем дел од нив – додека другите молчат! – се дрзнуваат јавно да се жалат на третманот на филмот во државата.
Или, реалноста, исто така, говори дека, на пример, во Буџетот за 2018 година Агенцијата за филм имала 345.263.000 денари (околу 5,5 милиони евра), додека издавачката дејност имала само 96.200.000 (1,5 милиони евра), библиотеките имале само 102.990.000 денари (околу 1,7 милиони евра), визуелните уметности имале само 37 милиони денари (околу 606.000 евра!) итн. Во 2019 година Агенцијата за филм имала 352.865.000 денари (околу 5,8 милиони евра) а соодносите со другите дејности останале горе-долу исти.
Тоа ќе рече дека филмот, апсолутно незаслужено, добива и троши повеќе пари од неколку важни културни дејности заедно! Зошто? Според кои и какви критериуми, според кои и какви успеси (или „успеси“!), според кои и какви вредности…? И да, последниве две-три години, буџетот на Агенцијата за филм е – заслужено! – намален, но тоа речиси и да не влијаело – или сосема минимално – на хонорарите на главните македонски филмски „ѕвезди“. Заради тоа ли е овој бунт?
Но, македонската нарцисоидна филмска приказна има уште едно, овојпат најгрдо лице: „ѕвездите“ не говорат за наодите на Државната комисија за антикорупција, за извештаите на Државниот завод за ревизија, за извештајот на Надзорниот одбор на ДФРМ од 2021 година итн.? За констатираните криминали и коруптивни скандали, за негативните оценки за нивното вкупно работење…?! Или тоа е занемарливо, важни се нивните „успеси“? Ама успеси – во што? Во криминогената соработка со највисоките врвови на власта како нивни главни ментори и соучесници во сите нивни мафијашки зделки, во делењето огромни пари во тесни, често и фамилијарни, кругови, во фаворизирањето на само неколку „важни“ имиња во македонскиот филм… итн.?
Криминалите на онаа власт од 2006-2016 година во областа на филмот се веројатно веќе застарени, но повеќето од токму истите учесници се вплеткани и во непристојни зделки со неодамнешната власт. А тоа, барем за сега, не е застарено. Можеби новава власт ќе ги разреши и ќе ги смести нештата, и луѓето, таму кадешто им е местото?!
Извор: Теодосиевски уметност