НАПИШАВ СТАРОВРЕМСКИ РОМАН Влада Урошевиќ за своето најново дело

Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Се надевам дека со тоа не сум ја нарушил суштината на романот и уште повеќе – се надевам дека не сум одбил читатели да го земат в рака – рече Урошевиќ на промоцијата.

269

Во присуство на многубројна книжевна публика, претставници од медиумите и читателска публика од сите генерации, вчеравечер (23 февруари), во киното „Фросина“ беше промовиран најновиот роман на академик Влада Урошевиќ – „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“.

На промотивниот настан беа претставени и неговите евергрин-дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“, кои се реобјавени во ново руво и со нови поговори. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.






Промотори на книгите беа авторите на поговорите – Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а се обрати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев. Настанот го модерираше уредникот на четирите книги, Ведран Диздаревиќ.

„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“, е седмиот роман на Урошевиќ. Покрај тоа што е неговиот најдолг роман, тој е и со најдолг и необичен наслов.

– Секогаш кога ќе напишам нов роман долго размислувам каков наслов да му ставам. Знаете, насловот се пишува на крајот. Откако го составив овој долг наслов, во една миговна инспирација допишав поднаслов – Старовремски роман. Овој поднаслов може да се сфати на повеќе начини. Можете да го сфатите како иронија или како предизвик фрлен кон критиката, но и кон читателската публика. Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Се надевам дека со тоа не сум ја нарушил суштината на романот и уште повеќе – се надевам дека не сум одбил читатели да го земат в рака. Старовремски роман звучи чудно денес, но мислам дека мене ми одговараше. Насловот можете да го сфатите и со извесна доза на хумор, кажано. Овој роман е напишан како еден израз на носталгија кон некогашните книги што сум ги читал. Израз на некоја потреба од враќање во времињата на детството, на првите лектири. Едноставно, сакав да напишам роман како што се пишувало некогаш. Со бавен вовед во настаните, со лесни навестувања на идниот заплет. Со описи на природата на годишните времиња. Сакав да напишам нешто што ќе даде впечаток на текот на времето. Сакав да ја опишам како времето влијае со својот тек врз луѓето, врз предметите, градбите…Но, сакав да го покажам на извесен начин влијанието на времето и хронолошкото време, и на атмосферското време, како ја внесуваат својата промена во сите нешта што постојат. Низ таа постапка сакав да ја изразам минливоста на нештата. Веројатно критичарите ќе се обидат да одредат што сум сакал да кажам. Пред сè, ова не е роман со теза, тука сакав да раскажам една приказна, на колку што можев подобар начин. И тоа ми беше целта – изјави Урошевиќ.

Во неговите романи опфаќа многу жанрови, има научна фантастика, елементи на криминалистички роман, на бајка… Урошевиќ вели дека со секое ново дело е пред нов предизвик да види што може да направи во нов жанр.

Книгите од Влада Урошевиќ се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
https://literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=9073

Поврзани содржини