Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице
Министерот за правда Маричиќ очекува овие измени во Кривичниот законик, кои веднаш ќе бидат проследени во Собранието, да бидат усвоени во септември.
Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице, строги казни ќе се воведат и за закана за напад врз новинари, а Обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи, соопшти денеска на прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ.
Владата на денешната седница ги усвоила овие барања на Здружението на новинари за измени и дополнувања на Кривичниот законик.
– Со тие измени се предвидуваат конкретни новини со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите, но и на медиумските работници, односно снимателите и фоторепортерите. Со овие измени ставаме крај на можностите за минати пракси неказнивоста за насилствата врз новинарите и кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичката и институционална одмазда поради професионалното извршување на својата работа – рече Маричиќ.
Тој очекува овие законски измени, кои веднаш ќе бидат проследени во Собранието, да бидат усвоени во септември.
Министерот ги повика сите останати институции во државата, обвинителството и судовите, да постапуваат максимално ажурно и професионално за сите случаи на напад на медиумските работници.
На владината седница поминале и измените на Законот за граѓанска одговорност, каде што има значително намалување на сумата што ќе ја плаќаат новинарите или медиумите, ако евентуално изгубат спор за клевета или за навреда.
– Конкретно, новинарите во иднина ќе плаќаат максимални 400 евра за клевета и навреда, за разлика од минатото каде што оваа сума изнесуваше 2.000 евра. За уредниците, со измените надоместокот на штета не смее да биде поголем до 2.000 евра. За потсетување по постојниот закон тој е 10.000 евра. За правното лице од 15.000 евра сумата се намалува на максимални 5.000 евра. Односно, пет пати намалување за новинарите и уредниците и три за медиумите – рече Маричиќ.
Тој додаде дека во Казнениот законик се воведуваат неколку нови кривични дела со кои ќе се обезбеди заштита на жените од сексуално и друг вид вознемирување, како на пример делото „Демнење“.
– Предвидуваме строги санкции за вознемирување и преку интернет, нешто што за жал, кај нас и во светот се случува сѐ почесто. Да бидам попрецизен, откако измените ќе стапат на сила, тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин ќе се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни парично, а може да добие и затворска казна до три години. Со ваквото дело се утврдува како се постапува кога некој и преку интернет заплашува или настојува од оствари несакан контакт со друго лице – појасни министерот Маричиќ.
Измените предвидуваат и дополнителна заштита на жените, кои произлегуваат од Истанбулската конвенција, која Северна Македонија ја потпиша уште во 2011 година, а ја ратификуваше седум години подоцна. Со измените кои произлегуваат од оваа конвенција, истакна Маричиќ, правно се заштитува жената од секаков вид на насилство.
Владата денеска ги усвоила и Законот за фонд на жртви од кривични дела, Законот за парнична постапка, Законот за адвокатура, Законот на Академија за судии и јавни обвинители, како и транспонирање на полициска директива во предлог-закон за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци во текот на постапување на истражните органи за кривични дела.