НАПАДНАТИ ДВАЈЦА ПОЖАРНИКАРИ ВО КУМАНОВО Приведени двајца мажи, градоначалникот бара одговорност
Инцидентот се случил пред зградата на противпожарната единица, а градоначалникот побара итна реакција од институциите.
Двајца 32-годишни кумановци се приведени откако физички нападнале пожарникари пред зградата на Територијалната противпожарна единица во Куманово.
Инцидентот се случил вчера околу 17:45 часот. Според информациите од полицијата, осомничените ги нападнале пожарникарите додека тие биле на своите работни места. Еден од нападнатите е 35-годишен вработен во единицата.
По настанот, полицијата ги лишила од слобода двајцата осомничени и тие биле задржани во полициска станица. Се очекува против нив да бидат поднесени соодветни пријави.
Засега не се соопштуваат детали за причините за нападот.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, најостро го осуди нападот врз пожарникарите.
– Недозволиво е да се напаѓаат службени лица додека ја вршат својата должност. Пожарникарите, како и сите што се грижат за безбедноста на граѓаните, заслужуваат почит, а не насилство. Очекувам надлежните институции брзо да постапат и сторителите да сносат одговорност – порача Димитриевски.
Тој им посака побрзо закрепнување на повредените и нивно враќање на работните задачи.