НАПАДНАТА НОВИНАРСКА ЕКИПА НА ПРВИОТ ДЕН ОД КАМПАЊАТА Здружението на новинарите го осуди инцидентот

ЗНМ потсетува дека новинарите имаат својство на службени лица и дека напад кон новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело кое се казнува со казна затвор.

428

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува агресивниот однос и вербалните закани кон новинарката Елизабета Дамјановска и нејзиниот колега снимател од ТВ 24, кој се случил за време на вчерашниот партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред владата од страна на непознато лице. Здружението бара од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како и од останатите учесници во изборната кампања, да го осудат нападот кон колегите од ТВ 24 и вакви инциденти да не се повторуваат.

„Според изјавата од колегите на ТВ 24, за време на синоќешниот прв партиски митинг на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ пред владата во Скопје, од страна на агресивно лице имало непријатен инцидент кој ја загрозил безбедноста на колешката Дамјановска и снимателот на ТВ 24. Лицето најпрво започнало да ја навредува и омаловажува телевизиската екипа упатувајќи погрдни зборови и пцовки општо за сите новинари, а потоа ова ескалирало и со закани кон нив со што предизвикал чувство на страв и несигурност“, информираат од Здружението.






ЗНМ потсетува дека новинарите имаат својство на службени лица и дека напад кон новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело кое се казнува со казна затвор.

„Освен ова, укажуваме дека агресивниот говор и говорот на омраза кон новинари може да предизвикаат дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси“, пишува во соопштението од ЗНМ.

Поврзани содржини