НАПАДНАТ УШТЕ ЕДЕН БРОД ВО ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Денеска 3, досега погодени најмалку 14 бродови

Еден од нападите предизвика пожар на товарен брод, како резултат на што поголемиот дел од екипажот мораше да биде евакуиран.

530

Три брода се погодени денеска од непознати ракети во Ормускиот Теснец, објавија агенциите за поморска безбедност и други извори. Еден од нападите предизвика пожар на товарен брод, како резултат на што поголемиот дел од екипажот мораше да биде евакуиран, пишува Ројтерс.

Според два извора за поморска безбедност, целта на еден од нападите бил тајландскиот носач на големо „Мајуреа Нари“, кој бил оштетен на приближно 11 наутички милји северно од брегот на Оман. Канцеларијата за поморски трговски операции на Велика Британија (UKMTO) подоцна потврди дека пожарот на бродот е изгаснат и дека нема последици по животната средина. Само потребниот дел од екипажот останал на бродот.






Претходно, јапонскиот контејнерски брод „Уан Маџести“ беше погоден од непозната ракета, која предизвика помала штета. Инцидентот се случил 25 наутички милји (46 километри) северозападно од Обединетите Арапски Емирати, соопштија безбедносни извори. Тие додадоа дека екипажот е безбеден и дека бродот е на пат кон безбедно сидро.

Третиот нападнат брод, носач на товар на големо, беше погоден околу 50 милји северозападно од Дубаи, соопштија компаниите за поморска безбедност. Фирмата за управување со поморски ризици „Вангард“ потврди дека ракетата го оштетила трупот на „Стар Гвинет“, кој плови под знамето на Маршалските Острови. Екипажот на бродот е безбеден.

Сообраќајот низ Ормускиот Теснец, клучна бродска линија низ која минуваат околу 20 проценти од светските залихи на нафта и гас, е значително намален откако почна војната во Иран на 28 февруари.

Со овие најнови 3 инциденти, бројот на нападнати бродови од почетокот на војната изнесува најмалку 14.

Поврзани содржини