НАМЕСТО ВО ЗАТВОР ЌЕ „ЛЕЖИ“ ДОМА СО АЛКА Осуденик една година ќе биде под 24-часовен електронски надзор

Осуденик од Охрид наместо во затвор ќе ја издржува казната дома, со електронска алка што го следи секој негов чекор.

0

Осуденик од Охрид ќе ја издржува казната во домашни услови, под постојан електронски надзор, откако судот донесе одлука затворската казна да му биде заменета со куќен затвор.

Станува збор за лице осудено на една година затвор, но наместо во казнено-поправна установа, казната ќе ја издржува во својот дом, со електронска алка што ќе го следи неговото движење.






Ова е втор ваков случај во кој се применува електронски надзор, додека надлежните институции веќе започнале со спроведување на мерката.

Од Управата за извршување на санкциите велат дека системот веќе функционира и дека контролата ќе биде постојана.

„Опремата за електронски надзор е во функција и овозможува 24-часовно следење на лицето. Во случај на прекршување на правилата, веднаш се известува судот и се преземаат понатамошни мерки“, велат од Управата.

Според процедурите, доколку осуденикот не ги почитува ограничувањата или се обиде да го избегне надзорот, казната може повторно да биде вратена во затворски услови.

Од пробациската служба во Охрид посочуваат дека се во постојана координација со институциите и внимателно го следат спроведувањето на мерката.

Овој модел на издржување казна се смета за алтернатива на затворот, со цел да се намали притисокот врз казнено-поправните установи, но и да се овозможи поголема контрола и ресоцијализација на осудените лица.

Поврзани содржини