НАМЕСТО ЉУБОВНА СРЕДБА ГО НАТЕПАЛЕ И ОГРАБИЛЕ Две жени го намамиле во мотел, па го нападнале со уште двајца мажи
Основното јавно обвинителство поведе истрага против четири лица, двајца мажи и две жени, кои со измама и физичка сила ограбиле човек во мотел во Скопје.
Истрага е отворена против четири лица, двајца мажи и две жени, кои според обвинителството брутално претепале и ограбиле човек во мотел во Скопје. Од оштетениот одзеле 200.000 денари, мобилен телефон и лична карта.
Настанот се случил на 30 октомври. Според истрагата, мажот најпрво се сретнал со една од осомничените жени и заедно отишле во мотел. Таа потоа му предложила да повикаат уште една девојка, на што тој се согласил. Кога пристигнала втората жена, двете заедно го убедиле да заминат во, како што му рекле, „поубав и поевтин хотел“.
Кога излегле од собата, во дворот на мотелот ги чекале двајца мажи. Во моментот кога оштетениот поминал покрај нив, сите четворица му се нафрлиле. Според сведочењето, го удирале со боксови по глава и тело додека не паднал на земја, па му ги зеле парите и другите лични предмети.
Од Основното јавно обвинителство Скопје соопштуваат дека за сите четворица е побаран притвор, бидејќи постои опасност да побегнат или да го повторат делото.
– Обвинителството достави предлог до судот за определување мерка притвор за сите осомничени. За едната жена, која по извршувањето на делото е во бегство, мерката ќе започне да важи веднаш по нејзиното пронаоѓање – велат од ОЈО Скопје.
Истражителите ги собираат сите докази, а се очекува во наредните денови да се појават и нови детали за тоа како четворицата ја испланирале и извршиле разбојничката замка.