Наместо со правдата се водат со неказнивоста – обвинителите ги влечкаат истрагите до недоглед оти шефот така решил
Продолжувањето на роковите за спроведување на истражна постапка се случува најчесто поради објективни околности, како што е оневозможеност на сведоци, долготрајни вештачења, процедурите за меѓународна правна помош кои бараат подолго време и слично. Треба да се има предвид и недостигот на јавни обвинители и друг кадар со кои се соочува Јавното обвинителство од една страна и обемот на истражни дејствија што се преземаат во секој поединечен предмет, што исто така придонесува за долготрајност на истражните постапки, вели Обвинителството (ОЈО).
И на адреса на македонските обвинители, освен на судиите веќе подолго време има забелешка дека не се ефикасни, невладините ги обвинија и дека кријат предмети во фиоки, а Стејт департментот во најновиот извештај забележува дека обвинителите ги пречекоруваат законските рокови во истрагите и за тоа не сносат никакви последици.
Обвинителите вообичаено треба да ги завршат истрагите за шест месеци, иако рокот може да се продолжи на 12 или во посложени случаи на организиран криминал на 18 месеци.
За ова побаравме реакции и од Основното јавно обвинителство (ОЈО) што го раководи јавниот обвинител Љубомир Јовески, но и од Советот на јавни обвинители кој има надлежност да разрешува обвинители. Ацо Колевски, претседател на Советот за јавни обвинители, објасни дека Советот како самостоен орган ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција, има надлежност да утврдува престанок на функцијата јавен обвинител, но дека одлучува во втор степен во постапката за утврдување на дисциплинската одговорност на јавните обвинители.
– Ние не смееме ни иницијатива да поведеме, туку одлучуваме во втор степен по жалба, а првостепената одлука и дисциплинската постапка се води во Основното јавно обвинителство, односно јавниот обвинител е тој кој што е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство. Таму се води и дисциплинската постапка – вели Колевски.
За тоа колку често се случува пробивање на роковите во истрагите, дали во македонското обвинителство имаме случај во кој драстично биле пречекорени законските рокови, за да се поттикне реакција и на Стејт департментот, но и дали била понесена одговорност за тоа, побаравме одговори од Основното јавно обвинителство од каде за Плусинфо објаснуваат дека нема правни последици ако дојде до продолжување на истрагата. Според Законот, јавниот обвинител за својата работа и за работата на јавното обвинителство одговара пред пратениците.
– Како што се наведува и во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права, роковите за истражната постапка предвидени во член 301 од Законот за кривична постапка се инструктивни и за нивното продолжување нема правни последици. Имено, согласно наведениот член во ЗКП, јавниот обвинител ја завршува истражната постапка кога ќе оцени дека состојбата на работите е доволно разјаснета за да може да подигне обвинение или да ја запре истражната постапка. Ако истражната постапка не се заврши во рок од шест месеци од денот на донесување на наредба за спроведување на истражна постапка, јавниот обвинител е должен за тоа да го извести вишиот јавен обвинител, кој во сложени предмети може овој рок да го продолжи за уште шест месеци. По исклучок, овој рок може да се продолжи уште за три месеци од страна на јавниот обвинител – велат од Основното јавното обвинителство (ОЈО).
За кривични дела од областа на организираниот криминал, велат од ОЈО, рокот може да биде продолжен за уште шест месеци од страна на јавниот обвинител на Република Македонија.
– Поради неправилности или одолжување на истражната постапка, осомничениот, неговиот бранител и оштетениот можат со поплака да се обратат до вишиот јавен обвинител. Во овој случај вишиот јавен обвинител ќе ги испита наводите од поплаката и доколку оцени дека тие се основани, ќе преземе соодветни мерки за завршување на истражната постапка или за отстранување на неправилностите – велат од ОЈО.
Оттаму објаснуваат дека продолжувањето на роковите за спроведување на истражната постапка се случува најчесто поради објективни околности, како што се оневозможеност на сведоци, долготрајни вештачења, процедури за меѓународна правна помош кои бараат подолго време и слично.
– Освен ова, треба да се има предвид и недостигот на јавни обвинители и друг кадар со кои се соочува Јавното обвинителство од една страна и обемот на истражни дејствија што се преземаат во секој поединечен предмет, што исто така придонесува за долготрајност на истражните постапки – се вели во одговорот од Обвинителството.
На нашето прашање дали во Советот на јавни обвинители е поведена постапка против обвинител кој ги пречекорил законските рокови за истрага, претседателот Колевски вели дека има такви постапки, но дека одговорите на тие прашања треба да ги даде јавното обвинителство. Тој, во врска со забелешките за пробивање на роковите, вели дека речиси сите обвинителства во земјава веќе подолг период се соочуваат со сериозен недостиг од кадар.
– Нови обвинители ќе имаме од Академијата дури за две години. Според новиот закон, сите кандидати треба да имаат завршено Академија за судии и јавни обвинители, но продукцијата на кадри е ниска. Во моментов обуката ја посетуваат 60 лица, а од генерацијата само 30 се во насоката за јавен обвинител – вели Колевски.
Претседателот на Советот на јавни обвинители предупредува дека и оваа бројка нема да биде доволна зашто сега во обвинителстваа низ земјава има 180 обвинители, а потребни се 262. Освен со кадровски пролеми, обвинителствата се сочуваат и со недостиг на истражни центри. Од 23 основни јавни обвинителства, само четири имаат истражни центри кои, иако се оперативни, ги немаат потребните капацитети на истражители. Тие центри ниту се екипирани, ниту дигитализирани за да може брзо да ги решаваат случаите и да испорачуваат резултати.
Невладините организации, пак, велат дека не е проблемот само во кадровскиот потенцијал, туку и во непрофесионалното работење на одредени обвинители кои, како што неодамна обвини „Зелена лупа“, според претставки од граѓани, предметите ги чувале во фиока.
Ване Цветанов од „Зелена лупа“ за Плусинфо вели дека од 2006 година досега колку што ја следи и истражува работата на јавните обвинители, „заеднички им е еден синдром – кариерата на нивните колеги обвинители им е поважна од судбината на обвинетите“.
Предмети со незавршени истраги има и од поранешното СЈО. Најстарата истрага на ова поранешно обвинителство покрената во 2017 година, а која никогаш не доби епилог во обвинение пред судија е истрага против поранешен директор на основно училиште осомничен дека незаконски склучил договор да се гради училиште во Зајас, во 2006 година. Тогаш, истрагата беше отворена со уште три други предмети „Тотал“, „Триста“ и „Тифани“, но немаше обвинение.